Валери Хантер Гордон не била славен научник, книжевник или политичар. Сепак, нејзиниот изум им го променил животот на милиони родители… и нивните бебиња.

Во средината на октомври 2016 година, во својот дом во Шкотска, сакана и опкружена со многубројно семејство, во својата 94-та година, тивко и мирно починала Валери Хантер Гордон. На најголем број луѓе надвор од градот во кој живеела нејзиното име не им значело ништо ниту тогаш ниту сега, а штета бидејќи се работи за жена на која милиони мајки низ светот треба да бидат благодарни. Бидејќи Валери Хантер Гордон, мајка на шест деца, ги измислила првите пелени за еднократна употреба!

Херој на сите мајки во светот

Валери била просечна англиска домаќинка од средината на 20 век. Сепак, откако ги родила своите три деца, сфатила дека не сакала нејзиниот живот да го помине во перење, сушење и пеглање памучни пелени. Така ги измислила „пади“ – првите пелени за еднократна употреба. Валери прво ги изработувала од стари падобрани и памук и направила стотина парчиња седејќи покрај шивачката машина на кујнската маса.

– Првин мислев дека пелените за еднократна употреба може некаде да се купат. Бев шокирана затоа што никој не се сетил порано на тоа и помислив – тоа е лесно, јас ќе го направам! Воопшто не беше лесно, но вредеше – раскажала госпоѓата Гордон во интервју за Би-би-си во 2015 година.

 

Откако им го покажала производот на пријателките, тие се воодушевиле и не поминало многу време, а Валери почнала да ги изработува ваквите пелени и за нив, постојано усовршувајќи ги дизајнот и издржливоста.

– Сите мајки сакале да престанат да ги перат пелените. Сите што го видоа мојот изум велеа: „Те молам, направи ни и нам“. И така завршив покрај шивачката машина правејќи над 600 парчиња“, раскажала Валери. Нејзиниот сопруг, мајорот Пат Хантер Гордон, исто така се вклучил во производството, снабдувајќи ја со искористени падобрани.

 

Остварување на сонот

Парот го регистрирал својот патент во 1948 година и наскоро стигнале понуди од некои големи компании и првите пелени „пади“ се нашле на рафтовите во продавниците во 1949 година. Биле моделирани и изработени по големината на синот на Валери и Пат, Најџел. Во почетокот овие пелени предизвикале контроверзии. Додека мајките биле воодушевени, имало лекари што ги предупредувале дека може да ја оштетат бебешката кожа. Уште еден проблем бил повеќе од општествена отколку од медицинска природа – луѓето по војната не биле навикнати да фрлаат работи, па дури ни валканите пелени. Сепак, откако еден воен лекар напишал текст за тоа дека користи „пади“ за своето бебе, јавното мислење се променило, па набрзо компанијата не можела да произведе доволен број пелени. Производот учествувал и на две светски изложби и наскоро почнал да се дистрибуира низ целиот свет. Само до крајот на 1949 година биле продадени повеќе од 750 илјади пакувања.

Рекламирани се како „многу атрактивни, со вешт дизајн, креирани од страна на мајката која пелените за еднократна употреба ги направи возможни“. Во 60-тите години компанијата згасна бидејќи ја потиснал американскиот бренд „Памперс“, но госпоѓа Гордон не зажалила – дотогаш ги одгледала сите свои деца.

Живеела тивко и повлечено. Умрела во 94. година опколена со семејството и пријателите. Зад себе ги оставила своите 6 деца, 19 внуци и 18 правнуци… и сите ѝ се благодарни за изумот.



912

X