Од „cooked“ и „rizz“ до „ме ghost-на“ и „аман не yap-увај“, интернет-сленгот со брзина на светлината ги премина сите јазични бариери и стана главен јазик на децата и тинејџерите. Овие фрази и кратенки се секојдневие за генерацијата З и алфа, но кај нас тие ретко остануваат само на англиски. Децата ги мешаат, ги преведуваат буквално или им лепат наши суфикси, па така добиваме целосно нов, хибриден говор.
Кога детето ќе каже: „Брат, кукд сме“, тоа е буквален превод од англиски (Bro, we are cooked). За некој родител ова звучи како шифра, но меѓу децата значи многу едноставна работа: „Брат, готови сме/во голем проблем сме“
Преку социјалните мрежи, овие зборови и изрази стануваат главен начин на изразување.
Што, всушност, зборуваат децата?
Ако ги слушате како зборуваат, нивните реченици често звучат вака:
- „Let him cook“: Не значи дека прави ручек, туку „остави го, знае што прави, спрема нешто јако“.
- „Spill the tea“: Не е за пиење чај, туку „кажувај го трачот веднаш“.
- „I’m dead“: Кога нешто им е толку смешно што буквално „паѓаат од смеење“.
- „Lock in“: Значи „сега мора сериозно да се фокусирам на учење/работа“.
- „She ate and left no crumbs“: Значи дека некој изгледа или направил нешто совршено, без ниедна грешка.
- „Rent free in my head“: Кога некоја песна, ситуација или личност постојано им е во мислите.
- „Touch grass“: Сурова порака до другар што претерал со играње игри: „Излези малку надвор во реалниот свет“.
Како децата ги „македонизираат“ англиските зборови?
Најинтересно е што децата не ги користат овие зборови само во оригинал, туку ги адаптираат на нашиот јазик и нашата граматика:
- „Ме ‘ghost’-на“ (од ghost) – одеднаш престана да ми враќа на пораки.
- „Престани да ‘yap’-уваш“ (од yap) – аман не дрдори / не зборувај глупости.
- „Ме ‘stalk’-ува“ (од stalk) – ме шпионира на профили.
- „Баш е cringe“ – нешто што е премногу непријатно за гледање.
- „Скроз си ‘delulu’“ – кога некој си прави филм и има нереални очекувања.
- „W / L“ – W (Win) е за победа или нешто добро, а L (Loss) е за пораз или казна.
Трендови и умереност
Иако овој говор им овозможува брзо да се разберат меѓу себе, експертите по јазик за деца и млади потсетуваат дека е важно да се има граница. Позајмените зборови се природни за нивната генерација и нивната дигитална култура, но кога се користат претерано, знаат да звучат сиромашно, а кога возрасните ги користат за да бидат „cool“, звучат дури и малку комично.
Јазикот на децата се менува со секој нов вирален тренд. Важно е ние како родители да разбираме што сакаат да кажат, но и да ги потсетуваме дека секој збор има свое место и време.