Не е тајна дека кога ќе станеш родител, правиш големи жртви… го жртвуваш сонот (толку многу сон), финансиите се под голем удар, вашата кариера повремено е на пауза… Но, се разбира, ги правиме сите овие жртви бидејќи ги сакаме и обожаваме нашите деца.

Кога станав мајка, бев подготвена моите потреби и желби да ги ставам на пауза, но не сфатив дека тука има низа големи предизвици со кои треба да се соочам кога одгледувам малечко дете. Всушност, во првата година од мајчинството открив 4 супер изненадувачки придобивки од станувањето мајка кои длабоко го трансформираа мојот живот на позитивен начин.

Поздрава сум

Уште од моментот кога ќе се појават двете линии на тестот за бременост знаеш дека живот расте во тебе, па одбираш што ќе јадеш и пиеш. Нема алкохол, ограничен внес на кофеин, без шеќери… (добро, намалениот шеќер е малку нереалистичен). Многу жени откриваат дека стануваат повнимателни кон своето здравје и исхраната во текот на бременоста, и по неа – додека дојат.

Мојата исхрана се подобри откако станав мајка. Алкохолот беше голема работа. Завршив со едната чаша вино навечер, што за мојата кожа и сон направи чуда, а поминував и повеќе време на домашно зготвени оброци отколку на нарачки. Кога пристигна моето бебе, се посветив на прошетките. Додека тој спиеше во количката, поминував часови шетајќи по улиците и слушајќи поткасти. Тоа ми помогна и во зачувувањето на разумот, но и во одржувањето на формата, па станав пофит отколку претходно додека работев канцелариска работа.

Пронаоѓање на својата група

Кога станувате мајка, пријателствата се доведуваат во поостар фокус. Немате толку време да им посветите на пријателите и можно е природно да се оддалечите од оние што едноставно не се вклопуваат во вашиот нов живот. Јас си ги задржав најблиските и најдраги пријатели, а многумина од нив не беа во фазата за имање дете, па наоѓањето луѓе со кои можам да се поврзам врз основа на мајчинството беше нешто што ми стана приоритет. За среќа, се здобив со неверојатни пријатели на мојот пат како мајка. Неколку се од групата на мајки, една или две ги запознав додека го носев синот во паркот, а другите се од неговата група за играње. Сите споделуваме заедничка врска во однос на воспитувањето на малите дечиња и поминуваме низ истите фази заедно – фаза без спиење, фаза на одвикнување, фаза за враќање на работа и слично. Пронаоѓањето на вашата група може да ви помогне да се чувствувате помалку осамено и да сфатите дека дури и во тешките моменти во првата година со бебето сите сме во ова заедно – снаоѓајќи се низ ролеркостерот наречен родителство.

Помалку себични, повеќе ориентирани кон потребите на другите

Кога станувате родители, вашето дете ви станува приоритет број 1. Затоа немате многу време за партнерот, па во првата година приоритет ви е вашето малечко да биде нахрането, безбедно и добро. Признавам, пред да станам мајка, кога во фокусот си бев самата јас правејќи што сакам, можев да си дозволам да бидам малку себична. Можев да дојдам и да си одам кога сакам, да правам што сакам и освен земањето предвид на потребите на партнерот, јас сепак можев да се фокусирам на себеси, на мојата кариера и пријатели. Кога малото човече ќе пристигне, таа фаза завршува. Немате доволно време да се фокусирате на себе, па како резултат на тоа станувате помалку себична индивидуа.

Мајчинството ме научи на трпеливост и разбирање, и ме натера да сфатам дека нерасположената мајка што ми го пресече патот во супермаркетот веројатно е само хронично ненаспана и кај неа се создала максимална иритација.

Врската мајка – ќерка

Секогаш бев блиска со мајка ми, но откако станав мајка, нашиот однос се продлабочи. Можеби тоа се должи на сфаќањето дека таа поминала низ истата неизвесност и сомнеж во себе додека ми помагала да растам. Како и да е, станав поблиска со мајка ми и развив нов начин на ценење на сето она што таа го направила за мене кога бев дете.

Автор: Ема Кауард

Извор



912

X