Појадокот е најважниот оброк во денот, но не и ако набрзина се купи од пекарница. Појадокот треба да биде здрав, да ги содржи сите потребни хранливи материи и на децата да им биде вкусен. Еве неколку идеи за здрав појадок.

Домашен хумус

Потребно ви е:

800 г наут, 4 лажички таан (паста од сусам), 2 чешниња лук, 6 лажици маслиново масло, 3 лажици сок од лимон, 1 лажица морска сол, црн бибер и магдонос (по желба).

Подготовка

Наутот оставете го да стои во вода во текот на ноќта, а наредниот ден варете го околу 1 час на средна температура. Процедете го и оставете го малку да се олади. Потоа ставете го во блендер, додајте го исечканиот лук и со мешање постепено додајте ги таанот, маслиновото масло и сокот од лимон и убаво изблендирајте. Кога смесата ќе стане компактна, хумусот е подготвен за сервирање.

Смути со овес и зрнесто овошје

Потребно ви е:
1 чаша јогурт, 100 мл млеко, 2 лажици овес, 1 помала банана, една рака замрзнато или свежо овошје (јагода, вишна, малина….), малку мед.

Подготовка

Сите состојки ставете ги во блендер и блендирајте додека смесата не стане мазна. Пред сервирање оставете ја неколку минути да отстои.

Колач со банана и јогурт

Потребно ви е:
1 чаша јогурт, 1 чаша масло, 3 чаши брашно, 3 јајца, 1 кеса прашок за печиво, шеќер по вкус, 1 поголема банана, рендана кора од портокал.

Подготовка

Загрејте ја рерната на 180 степени. Соединете ги прво сувите состојки, па постепено додавајте ги јајцата, маслото и јогуртот. Доколку смесата е премногу густа, додајте малку млеко. Потоа испасирајте ја бананата и додајте ја во смесата заедно со ренданата кора од портокал. Истурете ја смесата на подмачкан плех и печете 35-40 минути. На крајот можете одозгора да ѝ ставите шеќер во прав. Служете ја со банана или јагоди. Смесата можете да ја печете и во модули за мафини.

Намаз со авокадо

Потребно ви е:
1 авокадо, сол, малку сок од лимон, лук во прав, лажица-две маслиново масло.

Подготовка

Испасирајте го авокадото, додајте ги останатите состојки, па мешајте додека смесата не стане компактна. Намачкајте на леб, па ставете врз него рукола, чери-домати или некој друг свеж зеленчук кој вашето дете го сака. Овoј намаз можете да го послужите и со варени јајца.

Домашна паштета од туна

Потребно ви е:
1 помала конзерва со туна (добро исцедете го вишокот масло), 1 помал црвен кромид, неколку маслинки, малку маслиново масло, сок од половина лимон, малку сол и малку бибер.

Подготовка

Сите состојки добро измешајте ги во блендер. Чувајте го намазот во фрижидерот во стаклен сад.



912

X