Изливите на бес кај детето се еден од најпредизвикувачките аспекти на родителството. Родителите често се чувствуваат беспомошни кога нивните малечки лежат на подот, удирајќи со рацете и нозете и врескаат.

Изливите на бес се важен дел од емоционалното здравје и благосостојба на детето, а ние ви пренесуваме десет важни причини зошто тие може да бидат добра работа и за детето и за родителот.

1. Подобро надвор отколку внатре

Кога плачеме, го ослободуваме телото од стрес. Исто така, плачењето го намалува крвниот притисок и ја подобрува емоционалната состојба, под услов саканите да се блиску да ве поддржуваат. Можеби сте забележале дека кога вашето дете е на раб на лудило, ништо не е во ред. Тоа е луто и фрустрирано. Можеби сте забележале дека, откако ќе помине бурата, вашето дете е многу подобро расположено.

Помага ако им дозволите на вашите деца да го ослободат бесот без да се обидувате да го прекинете процесот.

– Плачењето не е болка, туку процес на ублажување на болката – објаснува д-р Дебора Мекнамара, експерт за родителство.

2. Плачењето може да му помогне на детето да научи

Постојат многу ситуации во кои детето може да доживее излив на бес. На пример, си игра со лего-коцки, па има излив на бес затоа што заглавило во некој чекор, но штом ќе помине тоа, седнува и ја довршува својата лего-структура. Има многу такви моменти кога детето се бори со нешто и ги изразува своите фрустрации, што му помага да го расчисти умот за да научи нешто ново.

– Учењето е природно за децата како и дишењето. Исто така, кога детето не може да се концентрира или да слуша, тоа е обично поради некои емоционални проблеми што го блокираат неговиот напредок – вели Пети Випфлер, основач на „Хенд перентинг“.

Истражувањата покажуваат дека детето треба да биде среќно и опуштено за да учи, а изразувањето емоционална вознемиреност е дел од тој процес.

3. Детето би можело подобро да спие

Честопати се појавуваат проблеми со спиењето затоа што родителите мислат дека најдобриот пристап кон изливот на бес е избегнувањето. Како резултат на тоа, потиснатите емоции на детето се изразуваат кога мозокот е во мирување. Исто како и возрасните, децата можат да се разбудат ноќе затоа што се под стрес или се обидуваат да обработат нешто што им се случува во животот. Ако му дозволите на детето да дојде до крајот на бесот, ќе се подобри неговата емоционална состојба и може подобро да спие во текот на ноќта.

4. Рековте „не“ и тоа е добра работа

Големи се шансите вашето дете да има излив на бес затоа што сте кажале „не“. Но, тоа е добра работа! Кажувањето на зборот „не“ му дава на вашето дете јасни граници за прифатливо и неприфатливо однесување. Кажувањето на зборот „не“ значи дека не се плашите од неуредната и емотивна страна на родителството и дека можете да се држите до своите граници додека нудите љубов, сочувство и прегратки.

5. Детето се чувствува безбедно да ви покаже како се чувствува

Изливите на бес се, всушност, одличен комплимент, дури и ако не се чувствувате секогаш така! Во повеќето случаи децата избувнуваат за да манипулираат со своите родители или да го добијат она што го сакаат. Честопати детето всушност прифаќа „не“ како одговор, а изливот на бес е само израз на тоа како се чувствува за тоа.

6. Изливите на бес ги зближуваат децата со родителите

Тешко е да се поверува во тоа, но почекајте. Можеби изгледа дека вашето луто дете не ви покажува благодарност и признание што сте таму, но го прави тоа. Дозволете му да помине низ бурата на неговите чувства без да се обидува да запре. Не зборувајте премногу, туку понудете им неколку смирувачки и убави зборови. Прегрнете го вашето дете, ќе се смири со безусловно прифаќање.

7. Изливите на бес помагаат во однесувањето на детето на долг рок

Понекогаш емоциите на детето се манифестираат на други начини, како што се агресија, проблеми со споделување работи или одбивање да соработуваат на едноставни задачи, како облекување или миење заби. Сите овие се вообичаени знаци дека вашето дете се бори со своите чувства. Изливот на бес му помага на детето да ги ослободи чувствата кои инаку би можеле да го задушат.

8. Доколку се случи излив на бес дома, помала е шансата да се случи во јавност

Кога децата сакаат целосно да ги изразат своите чувства, тие често избираат да го прават тоа дома, каде што чувствуваат дека нивните родители се подостапни за слушање.

– Колку повеќе бараме од нашите деца да се воздржат од изразување емоции, толку повеќе се создава тензија во нив – вели Мишел Пејт, инструктор за родителство. Колку почесто наоѓате време и простор да го слушате вашето дете дома, толку помалку потиснати емоции ќе носи со него.

9. Детето прави нешто што многумина заборавиле да го прават

Како што расте вашето бебе, тоа ќе плаче сѐ помалку и помалку. Ова е делумно поради созревањето и фактот дека научило да ги регулира своите емоции, а делумно поради тоа што научило да се „вклопи“ во општество кое не прифаќа изразување на емоциите. Кога возрасните се лути или нервозни, тоа е често затоа што им треба добар издувен вентил. Не лишувајте го вашето дете од привилегијата и задоволството да ги изразува емоциите.

10. Изливите на бес имаат лековито дејство и за родителот

Кога сте присутни при изливот на бес, тоа буди во вас бурни чувства. Кога сте биле мали, вашите родители можеби не ги слушале вашите изливи на емоции и не сочувствувале со вас. Изливите на бес на вашето дете може да предизвикаат сеќавања за тоа како ве третирале, а вие не сте ни свесни за тоа. Родителството може да биде начин за лекување на вашите емоции кога ќе добиете поддршка и можност да бидете слушнати.

По емотивните моменти со вашето дете, одвојте време да ја вежбате вашата самодоверба, да разговарате со пријател, убаво да се насмеете, а можеби и да плачете сами. Потребна е пракса за да можете да останете смирени, но ќе успеете!

Извор



912

X