Здравје

Што опфаќа процесот на ин витро оплодување?

Ин витро оплодувањето е еден од најделотворните методи за надминување на неплодноста. Главните индикации за овој третман се оштетување на јајцеводите, непозната причина за стерилитет, ендометриоза, машки фактор на неплодност, како и неуспешни обиди со индукција на овулација или интраутерина инсеминација по три циклуси.

Шансата за бременост со ИВФ третман се движи од 40 % до 47 %, а зависи од возраста на парот, нивото на хормони, придружните здравствени состојби (дебелина, дијабетес, хипертензија) и животните навики (стрес, алкохол, пушење).

Стандардниот ИВФ-процес ги опфаќа следните 6 клучни фази:

1. Оваријална стимулација и мониторинг

Во природниот циклус, хормоните FSH и LH овозможуваат созревање на само една јајце-клетка. При ИВФ-процесот, со помош на соодветна терапија се стимулираат јајчниците да произведат повеќе фоликули (обично меѓу 5 и 10), со што значително се зголемуваат шансите за успешно оплодување.

2. Аспирација (собирање) на јајце-клетките

Аспирацијата се изведува непосредно пред овулацијата (36 до 48 часа по примањето на завршниот инјекциски хормон).

  • Постапката трае 20–30 минути под благи седативи или кратка анастезија, преку ултразвучно водена игла.
  • Просечно се собираат од 8 до 9 јајце-клетки кои веднаш се префрлаат во инкубатор.
  • Во поретки случаи (на пр., при поголеми фиброиди), постапката се изведува лапароскопски.

3. Фертилизација (оплодување)

Оплодувањето се одвива во лабораториски услови на два начини:

  • Класично ИВФ: Сперматозоидите и јајце-клетките се ставаат заедно во инкубатор.
  • ICSI метода: Се користи кај машка неплодност, каде што еден избран сперматозоид директно се инјектира во цитоплазмата на јајце-клетката.

Успешноста на оплодувањето се проверува по 20 до 24 часа, по што пациентите се информираат за бројот на оплодени клетки.

4. Развој на ембрионот

Ембрионите се развиваат во лабораторија од 2 до 5 дена. Ембриотрансферот најчесто се врши во фаза на бластоциста (5. ден) бидејќи тогаш е полесно да се избере најквалитетниот ембрион.

Развојни фази:

  1. Зигот: Оплодена јајце-клетка која ги содржи генетските информации од двата родители.
  2. Морула: Настанува кога зиготот ќе се подели на 16 или повеќе клетки.
  3. Бластоциста: Настанува околу 4. или 5. ден (содржи околу 100 клетки) и е подготвена за имплантација.
  4. Ембрион: По вгнездувањето во ѕидот на матката (околу 6. ден), клетките почнуваат да преземаат специфични функции.

5. Ембриотрансфер

Безболна процедура која се изведува без анестезија. Со помош на тенок катетер, еден (поретко два) ембрион се внесува во матката. Останатите квалитетни ембриони може да се замрзнат (криопрезервација) за идна употреба.

6. Поддршка во лутеалната фаза

Ова е двонеделниот период меѓу трансферот и тестот за бременост.

  • Се препорачува намалување на физичкиот напор во првите 48 часа.
  • Бидејќи телото природно не произведува доволно прогестерон по аспирацијата, лекарот препишува хормонска поддршка (вагинални таблети или гел) за подготовка на ендометриумот.
  • По 16 дена се прави анализа на крвта (b-hCG) за потврда на бременоста.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top