Родителите се зафатени. Деновите ни се исполнети со неред, играчки и работа. Поголемиот дел од времето и енергијата ги трошиме за да се осигуриме дека нашите дечиња, кои зависат од нас, го добиваат она што им е потребно. Ова се случува нонстоп, од минута во минута, од час во час. Сè додека не пристигне најсветото време – време за спиење. Ги носиме во нивните кревети и ги бакнуваме за добра ноќ, срцата ни се полни, но нашата работа сè уште не е завршена целосно. Имаме уште обврски околу расчистувањето на домот и поминување време со партнерите.

Потоа, кога во домот е тивко и се слуша само дишењето на нашите сакани, можеме да се одмориме. И ако сме искрени, тие моменти се обично доцна во ноќта. Остануваме будни до доцна за да имаме неколку моменти на смиреност, тишина, време за себе без прекини, без да треба да се грижиме за што било. Време само за себе.

Неодамнешна објава на „Редит“, напишана од исцрпена мајка која бара совети, привлече големо внимание и емпатија од други, исцрпени родители.

„Открив дека откако мојата ќерка малку порасна, одам на спиење доцна бидејќи целиот ден е исполнет со играње, чистење и слично“, напишала мајката. „Не сфаќајте ме погрешно, си ја сакам ќерката и сакам да бидам мајка на оваа малечка личност. Но, исцрпувачко е. Во текот на ноќта кога таа конечно ќе заспие, јас ги гледам моите омилени емисии и тогаш се вклучувам на социјалните медиуми. Останувам будна до 2-3 часот наутро, па се будам во 8:30, секој ден истото. Дали некој има некаков совет кој ќе ми помогне да го балансирам ова?“

Оваа мајка сме, всушност, сите ние. Ако не остануваме будни до доцна, стануваме премногу рано, очајни за малку тишина, на почетокот од денот. Дали се работи за вклучување на социјалните медиуми, читање книга, гледање серии, вежбање или уживање во мирот на тивок дом, ваквите активности во нашиот зафатен живот се важни.

Оваа објава брзо се искачи на врвот, со околу 400 коментари.

„Јас го правам ова!!! Самохрана мајка сум и чувствувам дека единствените моменти кога може да направам нешто за себе се кога ќерка ми спие! Па или се будам рано пред да стане или останувам будна многу доцна навечер“, гласи еден од коментарите.

„Чувствувам дека ми треба моето време. Останувам до доцна гледајќи филмови или, пак, читам. Исцрпена сум следниот ден, но не знам како да сопрам“, пишува во друг коментар.

А друг пак: „Да, сосема те разбирам и се согласувам со тебе. Самохран татко од другата страна, неодамна разведен. Мојот ден се состои од хранење, менување пелени, играње, учење, миење итн. Овие моменти навистина ги вреднувам. Го поминувам моето слободно време доцна во ноќта, кога е тивко и сите спијат. Ја сакам ќерка ми најмногу од сè на светот, но на сите ни е потребно време за релаксирање и ослободување од стресот. Уживам да ги правам сите овие работи за ќерка ми и би примил и куршум за неа, но мора да си ги знаеме и сопствените граници. Ние сме само луѓе, па потребно ни е време за себе, за да го издржиме и следниот ден“.

Заклучокот е дека сме изморени. Немаме доволно сон. Го даваме најдоброто од себе во текот на денот, спиеме кога можеме, а потоа се будиме со љубов во нашите срца и го повторуваме истото одново.

Извор



912

X