Жените што се на веганска исхрана се изложени на поголем ризик од развој на компликации за време на бременоста, покажало ново истражување. Овие трудници се изложени на поголем ризик од развој на прееклампсија и раѓање бебе со недоволна тежина.

Истражувањето на Универзитетот во Копенхаген покажало интересни резултати. Истражувачите ги анализирале податоците од 66.738 бремености на Данки меѓу 1996 и 2002 година. Од нив, 65.87 жени се истакнале како луѓе што јадат сè, 66 како вегетаријанки кои јадат риба и преработки, 183 како вегетаријанки и 18 како целосни веганки.

Нискиот внес на протеини може да биде поврзан со ниската родилна тежина на детето

Врз основа на прашалникот даден на испитаниците, истражувачите откриле дека внесот на протеини е помал кај вегетаријанците (13,3 проценти) и веганите (10,4 проценти), во споредба со жените што јаделе сè (15,4 проценти). Затоа, тие заклучиле дека нискиот внес на протеини може да биде поврзан со ниската родилна тежина на детето.

„Внесувањето микронутриенти исто така беше значително помало кај веганите, но кога беа земени предвид додатоците во исхраната, не беа забележани големи разлики“, пишуваат истражувачите.

Меѓутоа, доколку бремените жени не земаат додатоци во исхраната кои подразбираат внес на железо и витамин Б12, што вообичаено би ги добивале преку храна, може да настанат компликации и развој на прееклампсија и сродни нарушувања во бременоста.

Прееклампсијата е сериозна компликација во бременоста која ги погодува и мајката и нероденото дете. Тоа е состојба која се развива по дваесеттата недела од бременоста, а се карактеризира со висок крвен притисок и високи нивоа на протеини во урината. Ако се развие, може да ја наруши функцијата на бубрезите и на црниот дроб, да влијае врз згрутчувањето на крвта, да доведе до појава на течност во белите дробови, да предизвика напади и, во тешки случаи, смрт за мајката и детето.

Извор



912

X