Предностите на мајчиното млеко за бебето одамна се утврдени, а познато е и дека се зајакнува нивниот имунолошки систем и се намалува ризикот од болести. Меѓутоа, истражувачи од Австрија тврдат дека доењето може да даде значаен поттик за здравјето на новите мајки. Од осум студии на 1,2 милион мајки се открило дека оние што доеле имале 14 отсто помали шанси да заболат од срцеви болести отколку оние што никогаш не доеле.
Исто така, утврдено е дека за 12 отсто е помала веројатноста дека ќе доживеат мозочен удар. Тимот не открил оптимална должина на времето за доење за да се намали ризикот од срцеви болести и мозочен удар, но Светската здравствена организација ги советува жените да ги дојат новороденчињата шест месеци.
Би можеле да постојат и дополнителни фактори
Истражувачите не идентификувале механизам за кој се смета дека стои зад намалениот ризик кај доилките, што значи дека другите фактори од начинот на живот може да играат одредена улога. Водечкиот истражувач д-р Петер Вилет, епидемиолог од Медицинскиот универзитет во Инсбрук, се надева дека што повеќе жени ќе дојат откако ќе сфатат дека тоа може многу да им користи и ним. Исто така, напоменал дека општеството мора да ги поттикнува и поддржува жените во создавање работни простории погодни за доење.
Посебна студија на Универзитетот „Сванси“ покажала дека осум од десет мајки се откажуваат од доењето поради болката, јавниот став и недостигот на поддршка. За младите се покажало дека доењето ја намалува стапката на респираторни инфекции, инфекција на увото, градниот кош и цревата, како и смртноста од заразни болести.
Досегашните студии на таа тема биле недоследни

Студиите покажале дека мајките што дојат имаат помал ризик за дијабетес тип 2, рак на јајчниците и рак на дојка. Но, раните студии кои го поврзуваат доењето со намалена стапка на срцеви болести и мозочен удар меѓу мајките биле недоследни. Истражувачите рекле дека нивниот преглед е ограничен на недостигот на податоци за жените што доеле повеќе од две години бидејќи тие податоци би им овозможиле подобро да ги пресметаат процените на ризици.
Д-р Шели Мијамото, претседателка на Американското здружение за срце, вели: „Иако добрите работи за доенчињата и децата се добро утврдени, мајките треба и понатаму да се поттикнуваат да ги дојат своите доенчиња знаејќи дека им го подобруваат здравјето. Би морало да биде посебно зајакнувачко за мајката да знае дека со доењето обезбедува оптимална исхрана за своето бебе, истовремено го намалува и личниот ризик од срцеви болести“.
Автор: Емили Крег