Новото истражување објавено во „Журнал за брак и семејство“ го потврдува она што повеќето мајки веќе го знаат: дури 79 отсто од дневниот ментален товар во семејствата паѓа на нивните рамена. Тоа е таа невидлива работа која вклучува закажување прегледи за стоматолог, водење список за купување, сеќавање дека е „ден на пижами“ и кој што не сака да јаде од училишните закуски. Мајките постојано размислуваат, планираат и организираат – што често предизвикува да се чувствуваат исцрпени.

А што е со татковците?

Според истражувањето спроведено меѓу 3.000 родители, тие исто така тврдат дека го носат својот дел од товарот. Сепак, истражувањата покажуваат дека татковците почесто се одговорни за т.н „епизодни задачи“ – како сервисирање на автомобилот, поправка на машината за миење садови или избор на најдобра кредитна картичка. Овие задачи се секако важни, но се случуваат повремено, за разлика од секојдневните обврски кои бараат постојан ментален напор. Дали задачите на таткото се важни? Апсолутно. Но, дали тие се континуирани и исцрпувачки како оние на мајката? Тоа е под знак прашалник.

Додека мајките секојдневно се занимаваат со логистиката на семејниот живот, епизодните задачи не бараат исто ниво на ментална енергија. Овие поделби не се само прашање кој што прави – тие директно влијаат врз времето на мајката, менталното здравје и целокупната благосостојба. Кога мајките постојано се во улога на главна личност за сите семејни обврски, тие се физички, емоционално и финансиски исцрпени. Не е ни чудо што се постојано изморени.

Првиот чекор кон промената? Свеста. Паровите треба да ги препознаат шемите во кои западнале и да се запрашаат: „Дали ова функционира кај нас?“ Затоа што, да бидеме искрени – ако едниот родител се бори со секојдневната логистика додека другиот прави паузи помеѓу задачите, нешто мора да се промени.

Значи, еве повик до татковците: Вклучете се во секојдневната рутина. Олеснете го товарот. Замислете колку ментален простор би можеле да ослободат мајките доколку не мораат да го планираат секој оброк, роденденска забава или подарок. Ова не е само прашање на правичност – тоа е за зајакнување на семејствата. Затоа што кога мајките цветаат, сите имаат корист.

Невидливата работа на мајките можеби го одржува семејството заедно, но таа не треба да биде на сметка на нивното здравје. Време е да ги свртите работите и да ги споделите обврските. Барем започнете со креирање список за купување.

Автор: Карина Шиждрак

Извор



912

X