Д-р Карла Цеваско, историчарка од Универзитетот „Рутгерс“, неодамна на „Твитер“ ја објаснила историјата на исхраната на доенчињата, нудејќи и историски извори како доказ за нејзините тврдења.

– Можеби ќе слушнете аргументи дека пред да ги користат модерните комерцијални млечни формули за доенчиња, сите бебиња пиеле мајчино млеко и дека сè било одлично. Како историчар за хранење доенчиња, дозволете ми да ви објаснам зошто тоа не е вистина – напишала таа.

Таа рекла дека луѓето низ историјата морале да ги хранат доенчињата со друга храна како замена за мајчиното млеко од различни причини.
„Понекогаш мајката не можела да дои“, напишала таа, „а причините биле смрт на мајката при породувањето, проблеми со физичко/ментално здравје, потреба веднаш по породувањето да се врати на работа, принудување од партнерот да не дои со цел да се врати во состојба на целосна плодност“.

Таа дополнително објаснила дека понекогаш бебињата не можеле да се дојат. Причините би можеле да бидат лошото држење на градите, проблеми поради предвремено породување, расцеп на непцето и други здравствени проблеми. „Понекогаш за бебето се грижеле старатели кои не биле негови биолошки родители, вклучувајќи ги и посвоителите“, рекла таа.

Цеваско продолжила да објаснува што јаделе бебињата како замена за мајчиното млеко во тие ситуации. „Понекогаш бебето имало друга доилка“, напишала таа. „Тоа можело да биде братучетка, сосетка или една од жените во заедницата која го правела тоа бесплатно или за пари“.

Таа објаснила и дека некои бебиња напредувале со алтернативна диета, која денес не се препорачува. „Некои жени во 18 век понекогаш ги хранеле доенчињата со мешавина од варени ореви, пченкарно брашно и вода; англиската колонистка Елизабет Хансон рекла дека нејзиното дете напредувало со таа исхрана“, напишала Цеваско. „Во раната модерна Европа бебињата често јаделе мешавина од животинско млеко или вода, трошки од леб или брашно. Понекогаш мајките го вареле, понекогаш не“.

Сепак, објаснила таа, овие замени за млеко не биле секогаш безбедни или комплетно хранливи. „Значи, пред појавата на модерната комерцијална формула за млеко (50-тите години), многу бебиња умирале од болест или глад бидејќи не биле доени, а алтернативната храна не била безбедна или соодветна“, напишала таа.

Како што објаснува Цеваско, идејата дека деновите пред појавата на адаптираното млеко биле бастион на здравјето на доенчињата поради широко распространетото доење е едноставно неточна.

Извор



912

X