Ако сте горди родители на најмалку две деца, сигурно ве имаат прашано, или ќе ве прашаат: Кого сакаш повеќе? Мене или мојата сестра? Но, реченицата со која често давате одговор се претвора во проблем кој воопшто не треба да постои, ако сте искрени…

Повеќето родители се чувствуваат непријатно кога детето ќе им го постави ова прашање. Тоа произлегува од фактот дека не сакаат да повредат ниедно дете, сакаат двајцата или сите да се чувствуваат еднакво сакано. Но, непријатноста ги мачи бидејќи не сакаат да си признаат дека нивните чувства кон секое дете се различни.

Најважно од сè, децата ја чувствуваат оваа непријатност и поради тоа и вашето „Исто ве сакам“ нема да ги увери и ќе го доживеат како лага.

Значи, што да направите наместо да му ја кажете на детето оваа неискрена реченица?

Вистината е дека секое дете го сакате на поинаков начин. И тоа не е нешто што би требало да го избегнувате, туку напротив, прифатете го ова и бидете горди на тоа. Штом почнете да размислувате што е всушност вистина и како ќе им ја пренесете на децата, веќе сте направиле огромен чекор кон поголема блискост со секое дете.

Немојте да ги споредувате децата

Поентата е навистина да размислите како ги сакате.
Те сакам бидејќи си прекрасно битие, вистински мал човек. Едвај дочекав да се родиш за да те прегрнам. Те сакам бидејќи се смееш, бидејќи си упорен, убаво црташ, сакаш да танцуваш со мене, весел си, бидејќи сакаш да јадеш овошје, бидејќи многу убаво пееш, бидејќи убаво си играш со другите деца…

Секако, избегнувајте да ги споредувате своите деца бидејќи така секогаш некој ќе се чувствува лошо. Наместо тоа, истакнете ги нивните индивидуални доблести, предности и таленти – нешто што ги одликува само нив како поединци, а да е од срце. Ваквите изјави на љубов исто така ве водат и на лизгав терен бидејќи ги истакнавте само доблестите, а нивните маани ги избегнавте. Внимавајте, децата можат да ја загубат самодовербата и може да помислат дека не се вредни за вашата љубов ако ги покажат своите маани. Затоа на убав начин можете да им дадете до знаење дека ги сакате нивните недостатоци бидејќи тоа е потврда на правилно прифаќање на детето. Често тој дел е тежок за нас, но само откако ќе го прифатиме детето какво што е, дури тогаш ќе почувствува дека навистина го сакаме.

Те сакам кога се муртиш, кога си лут, те сакам бидејќи си голема, неуморна дрдорка, те сакам и кога не ме слушаш…
Ако пристапувате кон разговор со децата на овој начин, тие навистина ќе поверуваат во тоа што го зборувате бидејќи ќе ја почувствуваат вистината во вашите зборови. Со искрениот разговор поголеми се шансите сите да го доживеете тој момент како емотивно исполнето искуство на љубовта.



912

X