Како да се изборите со дете кое има силни убедувања за сè… Мајка од Лос Анџелес го сподели своето искуство на веб-страницата Scarrymommy и откри со какви тешкотии се соочува поради тврдоглавоста на нејзиниот син…

– Ако имате тврдоглаво дете, навистина ќе ви се скрши духот. Ви се замајува мозокот кога гледате толку малечка личност, а толку сигурна во своите убедувања. Не сум експерт за говорот на телото, но прекрстени раце на градите, со нозете цврсто застанат на земјата, таа сигурност во сè што зборува…, сето тоа ми кажува дека нема да се откаже без борба. Во моментот кога ќе видам стегната тупаница, јасно ми е дека се спрема бура и дека е подобро да се побара некаква заштита. Дали сакаш да го направиш тоа на полесниот или на потешкиот начин – го прашувам.
Сериозно ме гледа в очи.
На потешкиот начин, вели практично предизвикувајќи ме.
И навистина го мисли тоа. Мојот син е тврдоглав како магаре! Кога нешто ќе си зацрта во главата, тоа е тоа! Тој апсолутно ќе се држи до тоа, без никакво „ако“ или „но“. Животот со него навистина може да биде исцрпувачки, и тоа од причина што има толку силни убедувања за сè и затоа што има непоколеблива тврдоглавост.

Еве за што всушност станува збор…

Како да не можев да очекувам дете со тврдоглава црта во карактерот. Неговиот татко е прилично тврдоглав, а знам колку можам и самата да бидам тврдоглав идиот. Само се надевав дека од мене ќе наследи нешто поради што нема да морам секој ден да си ја кубам косата. Понекогаш посакувам да имам син кој ќе направи сè што ќе му се каже во истиот момент, а не по 10 минути расправии и кавги. Доаѓа и до викање, плачење, врескање, сè додека тој не заборави или не попушти на крајот. Додека да дојде до тој момент, јас сум сосема исцрпена, па почнувам да се преиспитувам што можев да направам подобро.

Како самохран родител, често сум преплавена од тие негови прејаки доживувања на сè околу него, како и потребата да биде сигурен дека знам дека нема лесно да се откаже. Едноставно никогаш немам пауза. Може да умирам, а тој ќе продолжи да ме убедува дека некои слатки со различно име не се исти, иако се направени во истата компанија и имаат идентичен вкус. Со последниот здив ќе му одговорам дека сето тоа е едно исто и да изеде што и да има пред него, зашто, жити Господ, зарем не гледаш дека умирам?
Веќе гледам огромен број од вас како ми велат дека сето тоа е моја вина.
„Им кажувам на децата што треба да направат и тие едноставно го прават тоа“. Па, Марија, тоа е навистина убаво, но не си ти таа што го одгледува ова тврдоглаво дете. Да воспитувате тврдоглаво дете е многу потешко отколку едноставното дисциплинирање. Мојот син буквално ќе се бори со што било само да го докаже своето. Имаме ние и ограничувања и дисциплина, но ова е многу повеќе од тоа.

Неговите тврдоглави верувања во неговите убедувања покажуваат дека не постои ништо за што тој нема мислење. Пред некој период во прашање беше маица без ракави. Живееме во Лос Анџелес и тука навистина температурата знае да биде многу висока. Но, тој сметаше дека не треба да ја носи таа маица и јасно ми даде до знаење дека попрво ќе се препоти отколку да ја облече. И знаев дека е 100 отсто сигурен.
Интересен е фактот дека, со оглед на неговата тврдоглавост, тој навистина може да ги прочита туѓите чувства и да попушти. Ја прашав учителката како се однесува во училиште. Ми рече дека знае да биде дрзок ако нешто не сака да го направи, но не бил претерано тврдоглав околу тоа. Убаво си играл со другарчињата и отворен бил да ги прифати нивните предлози.
Неговата тврдоглавост е можеби најисцрпувачкиот дел од мојот ден. Еднаш кога ќе му се уврти некоја идеја во главата, тоа мора да биде така инаку ќе биде во целосен емоционален хаос. Кога си игра, работите мора да бидат баш такви какви што ги замислил. Дури и мала промена во однос на неговата замисла може да го расплаче. Константното негово разочарување кога работите не одат како што треба (зашто играчките некогаш едноставно не се движат како што тој сака) прави да посакам да се заклучам во бањата и да не излезам оттаму.
Како мајка на тврдоглаво дете научив многу за тоа до каде е мојата граница додека не пукнам. Тоа е многу подалеку отколку што мислев, но сепак многу често посакувам тој ден да исчезнам. Јасно ми е дека еден ден, кога ќе порасне, благодарение на таа тврдоглавост, ќе оствари големи работи.
Сепак, засега тоа многу исцрпува и навистина ми е потребна пауза.



912

X