За многу бремени жени, особено оние на кои им е првпат, помислата за породување е страшна и стресна. Но, Ен Ричли, акушерка и авторка на многубројни статии за породувањето, сподели неколку совети од прва рака кои сигурно ќе им помогнат на сите идни мајки да бидат максимално подготвени за породувањето.

Поттикнете го бебето да се намести во правилна положба

Акушерката советува дека околу 34. недела од бременоста веќе можете да почнете да го поттикнувате вашето бебе да ја заземе правилната положба за раѓање. Обидете се редовно да клечите на подот над пилатес топка, или ако немате, користете стол.

Останете фокусирани за време на породувањето

Една од најдобрите техники за полесно породување е да се фокусирате на тоа дека храбро се справувате со ситуацијата, објаснува акушерката и нагласува дека фокусот е клучот за породувањето да помине во најдобар ред.

Останете во форма за време на бременоста

Идните мајки што се генерално активни и здрави обично имаат полесно породување. Затоа, акушерката советува трудниците редовно да се движат и да практикуваат дневни прошетки од околу 20 минути, за полесно да се породат.

Масирајте го перинеумот

Со цел да се спречи пукањето на перинеумот и со тоа да се олесни породувањето, како и закрепнувањето по породувањето, оваа акушерка советува секојдневно да ја масирате перинеалната област (пределот помеѓу вагината и анусот) во последните недели од бременоста. За ова можете да користите масло од пченични никулци, бадемово или кокосово масло.

Пијте чај од листови од малина

Пиењето чај од листови од малина наводно може да помогне да се подготви вашата матка за породување. Акушерката советува да го пиете неколку пати на ден и тоа исклучиво по 36. недела од бременоста. Имено, студиите покажале дека жените кои го пијат овој чај во последните неколку недели од бременоста имаат пократки породувања и имаат потреба од помалку лекови против болки.

Дишете правилно

Д-р Ричли вели дека правилното дишење може да им помогне на трудниците да се релаксираат за време на породувањето, спречувајќи ја мускулната напнатост и овозможувајќи му на грлото на матката полесно да се прошири.

Слушајте го вашето тело

Многу трудници мислат дека за време на породувањето мора да се воздржуваат од викање, стенкање или страв, но сепак акушерката објаснува дека е дозволена секаква реакција. Имено, таа додава дека најважно е да го слушате своето тело и доколку чувствувате потреба да викате, воопшто да не се двоумите.

Качувајте се по скали

Ако вашето породување штотуку започнало или чекате дома контракциите да зачестат, акушерката советува дека качувањето по скали е одличен начин да предизвикате контракции и пукање на воденикот. Покрај тоа, ќе му овозможите на бебето подобро да се приспособи за раѓање.

Извор



912

X