Се случува децата да прашуваат зошто мама и тато мораат да работат, обично со нежни, невини гласови велејќи дека им крадеме време, внимание, а со тоа и љубов. Некој може да се чувствува така, особено тргнувајќи од претпоставката дека во денешно време работата понекогаш е луксуз, дека е неопходно да се работи за да се издржува семејството, но има и такви што работат работа што ја избрале, што им се допаѓа, тоа го прават со страст и ентузијазам. Тоа е голема среќа и нешто кон кое секој треба да се стреми, а на децата треба да им се објасни дека работата не мора да биде страдање или несакана обврска, туку дека е основна компонента и важен момент за среќата на секој поединец. Треба да им пренесеме на децата дека успехот значи да го правите она што отсекогаш сте го сакале.

Едноставно кажано, целта во животот е да ги остварите вашите соништа. Во тој случај, работата само ќе придонесе децата да имаат позадоволни, остварени, мотивирани родители. Можеби таквиот родител ќе биде малку поуморен, но повеќе ќе ужива во заедничкиот живот со семејството.

Вака, на интелигентен и нежен начин, новинарката Саша Емонс ѝ објаснила на својата ќерка, која постојано прашувала зошто работи наместо да биде со неа и нејзиниот брат.

Драга ќерко,

Неодамна ме праша зошто ја претпочитам мојата работа пред тебе и твојот брат.

Ова твое прашање малку ми го скрши срцето, но бидејќи имаш осум години, мислам дека така и треба. Не грижи се, нема да те обвинувам. Ќерките имаат задача да ги знаат и да ги испровоцираат слабите точки на нивните мајки – ова е посебен знак за нашата поврзаност. Истото ѝ го направив јас на мајка ми. Кога бев малку постара од тебе, по неколку години поминати дома воспитувајќи ме мене, брат ми и сестра ми, таа се врати на работа, работејќи со скратено работно време. Ќе те потсетам на оваа тема кога ќе пораснеш и ќе се соочиш со истите коментари од ќерка ти, исто како што ми прави мајка ми денес. (П.С. Мамо, извини, уште еднаш!)

Ти не го ни почувствува времето што го поминав дома. Се вратив на работа по три месеци поминати дома, а освен оние осум месеци што ги поминав со брат ти кога се роди, секогаш работев за тебе. Иако чувството дека ќе излезам од дома и ќе те оставам на денот кога ми заврши породилното ми изгледаше сосема неверојатно и не можев ни да поверувам дека ќе го сторам тоа, сè до моментот кога тоа всушност се случи, исто така ми беше олеснување – да се вратам во нормала по чудесниот пресврт што го доведовте во мојот живот.

Некои луѓе работат за живот, а некои се среќни затоа што добиваат плата да го работат она што го сакаат. Јас сум еден од оние среќници што ѝ припаѓаат на втората група. Знаев што сакам да бидам од денот кога мојот наставник во осмо одделение ја прочита мојата приказна пред целото одделение и ми кажа дека сум родена писателка. Моите образи сè уште поцрвенуваат и сè во мене трепери кога ќе успеам да се изборам со зборовите и да им дадам писмена форма на мислите. Мислам дека ја препознавам истата брилијантност во тебе кога црташ, но можеби носиш уште посилна страст во себе која само чека да биде откриена.

Што би се случило ако ти кажам да избереш – твојата уметност… или јас? Секако, ако треба да одбираш, би ме одбрала мене (се надевам), но зарем не би било неправедно да го побарам тоа од тебе? Во моментов велиш дека не сакаш ни да имаш деца, благодарение на твојот апсолутно невозможен брат, но можеби еден ден ќе го промениш мислењето. Ако се премислиш, се надевам дека нема да ја жртвуваш љубовта кон создавањето заради луѓето што ги сакаш, без разлика дали заработуваш пари од тоа или не. Се надевам дека ќе избереш партнер кој ќе го сака истото за тебе.

Но, да се вратиме на првобитното прашање. Постојат многу причини зошто мајките работат – и можеби не се оние што ги очекуваш. Ова се моите причини.

Работам затоа што го сакам тоа.

Работам затоа што создавањето ме прави среќна и таа среќа се прелева во сите други области од мојот живот, а и ми помага да бидам трпелива, ангажирана и креативна мајка.

Работам затоа што се потребни две плати за да се покрие оваа убава куќа во која живееме, вашите часови по гимнастика и оние патики што отсекогаш сте сакале да ги имате.

Работам затоа што сакам ти и брат ти да се гордеете со мене.

Работам затоа што го правев ова пред да се родиш и затоа што сакам да продолжам да го правам и кога ќе заминеш на факултет.

Работам затоа што – и покрај тоа што сум родител кој речиси секогаш доаѓа дома навреме, родител кој ретко патува, родител кој се грижи за роковите на вашето училиште – никогаш не би го прашале татко ти зошто работи. Се чини дека љубовта му е дадена сама по себе и долгите работни денови не можат да ја нарушат.

Работам затоа што, иако сте уште толку млади, веќе сте ја впиле суптилната порака дека вработувањето на жените е помалку важно и помалку значајно, како и дека мајките кои навистина ги сакаат своите деца не работат.

Работам затоа што се надевам дека тоа ќе се смени додека ти да добиеш ќерка.

Накратко да одговорам на твоето прашање: Ја сакам мојата работа, но секако дека ве сакам тебе и твојот брат многу, многу повеќе. Ако треба да изберам, би те избрала тебе. Но, јас сум толку среќна што не треба да избирам, а се надевам дека нема да мора ниту вие.

Те сака, мама.

Извор



912

X