Да не си помисливте дека нашата другарка Исидора Мун нè заборави?!
Едноставно, тоа не е можно. Па, таа ужива да ги споделува своите доживувања со нас. Покрај тоа, таа е несебична и не ги задржува за себе поуките што ги извлекува по секоја доживеана незгода. Е, тоа ви е пример за вистинска другарка.
Ококорете ги очите, начулете ги ушите и впуштете се во новата авантура на Исидора Мун. Овој пат ќе ни сподели како западнала во неволја и што научила извлекувајќи се од неа.
Како што знаеме сите, белите се поинтересни кога се прават во двојка. Исто така, полесно се поднесуваат и последиците кога се споделени.
Нашата Исидора со нетрпение го очекува пристигнувањето на гости на нејзината братучетка Мирабела. Таа е премногу возбудена зашто на ум има еден куп добри игри што планира да ги играат со својата братучетка. Мирабела, инаку, е вештерка-самовила и е малку своеглава. Често пати знае да експериментира со своите волшебни моќи и да ги усложнува нештата.
Така се случи и овој пат…
Од навидум безопасна игра со кукли и светки, Мирабела го активира својот пакосен блесок во очите и нештата почнуваат да излегуваат од контрола…
Нејзиното волшепство не го одминува ни Розовото зајаче, омилената кадифена играчка на Исидора што мајка ѝ ја оживеа со помош на магија. Експериментите на Мирабела го претвораат Розовото зајаче во минијатура. А, следниот ден е „Донеси го своето милениче“ во училиште. И сега Исидора што ќе однесе наместо Розовото зајаче?
На палавата Мирабела не ѝ е проблем да смисли „решение“ и да го претстави како подобра идеја од претходно замислената. Но, сето тоа ќе ги одведе во неволја братучетките…
Но, што е тоа што би можело да тргне наопаку…?
За да ги дознаете деталите – прочитајте си ја новата „Исидора Мун запаѓа во неволја“. Најважно е што Исидора секогаш учи од сопствените погрешни постапки и за тоа што не треба да прави во иднина.
Затоа, бидете како Исидора! Читајте и учете!
912