Другарчиња, ви носам радосна вест. Неодамна се појави нова приказна на нашата омилена Исидора Мун. Се разбира, не додржав да не ја прочитам веднаш. Најмногу затоа што сакав да ја споделам со вас, а уште повеќе – затоа што станува збор за зимска приказна.
Верувам дека и вам, како и мене, многу ви недостига снежна идила, остар и чист воздух, звучната изолација што ја прави напластениот снег… Кога сè изгледа толку спокојно и мирно, додека снегулките во совршен танц се населуваат врз оголените дрвја, сивите улици, безбојните паркови…правејќи ги допадливи и необични.

Е па, со оглед на тоа што во оваа приказна на Исидора Мун има многу снег и сè друго што претходно набројав, можеме барем за момент да се замислиме како дел од нејзиното ново доживување. Којзнае, може читањето толку да нè занесе и да ја активира магијата на Исидора, па во наредното погледнување кон прозорецот да нè изненадат бели кристалчиња врз стаклото.
Па, да не должиме и да се нурнеме…

На нашата хероина Исидора многу ѝ се присака по првпат да се обиде да се лизга на мраз. Особено откако Оливер, нејзиниот драг соученик, покани три другарчиња на лизгалиштето за да го прослави својот роденден (на Оливер му беше многу криво што не можеше да ги покани сите зашто картите за лизгалиштето се мнооогу скапи). Но, Исидора не престана да мисли на тоа. За нејзина среќа, тетка ѝ Кристалка секогаш го има магичното решение кога станува збор за зимските прашања зашто, логично, таа е снежна самовила. Еден потег и дворчето го претвори во снежен рај. Само замислете си ја радоста на Исидора додека ги прави првите лизгачки движења…
Но, покрај толку снег наоколу, лизгањето е само едно од мнооогуте забавни нешта што може да се прават во зима. Па, Исидора и нејзината верна придружба, Розовото зајаче, одлучија да направат снешковци.

„Ајде, Розово зајаче“, реков, почнувајќи да правам снежна топка со рацете.
„Можеш и ти да ми помогнеш!“
(…) Но, Розовото зајаче не беше заинтересирано да ми помогне. Си правеше свој снешко. Малечко снежно зајаче.
(…) „Хм-хм“, реков. „Мислам дека е премногу ситен за да биде снешко. Може да биде снежно момче!“ (…) Моето снежно момче изгледаше многу пријателски расположено.
(…) И тогаш ми намигна! Изненадено потскокнав наназад.
(…) „Мора да е поради волшебниот снег!“ прошепотив. „Волшебниот самовилски снег!“

Да, убаво читате – Исидора си направи живо снежно другарче со волшебниот снег на тетка ѝ Кристалка. Но, ни волшебниот снег не е траен, па на Снежното момче му се заканува опасност од топење.
Се разбира, Исидора никогаш не стои со скрстени раце, особено не во овој случај кога му се заканува исчезнување на нејзиното ново другарче. Таа ќе преземе акција, и тоа многу храбра.
Што мислите: ќе успее ли Исидора да го спаси Снежното момче?
Впрочем, не мора да се измачувате со мисли. Доволно е да си ја прочитате зимската епизода од авантурите на Исидора Мун и да го откриете остатокот од приказната.
Освен тоа, во ова проширено издание Исидора несебично споделува со вас некои нејзини омилени рецепти. Со оглед на тоа што доаѓаат од девојче кое е посебно во многу работи – не треба да се сомневате дека се генијални и фантастични.
Да не ве задржувам, ве очекуваат многу забава, брашнести рачиња, светкави носиња и многу смеа.
Јухууу!



912

X