По породувањето вашето тело претрпува огромни промени. Освен одмор, потребна е и правилна исхрана за вашето и за здравјето на вашето бебе. Уште во првите денови по породувањето важно е да следите посебен режим за исхрана. Експертите советуваат во текот на првите три дена да се јаде во помали количини и да се внесува полесна храна и доволно вода.

Зошто е важна исхраната по породувањето?

Таа игра клучна улога во закрепнувањето бидејќи ја обновува енергијата на вашето тело и ја намалува можноста за постпородилна депресија. Исто така, многу е важна доколку доите бидејќи сета храна што ја внесувате стигнува до бебето. Доколку не го дои бебето, важно е мајката да се придржува на посебен начин на исхрана бидејќи е уморна, исцрпена и треба да се врати во нормален ритам. Пред сè, треба да се држите до овие три принципи: разновидна храна, внес на „сигурни намирници“ и оптимален внес на течности.

Храна што се препорачува

Зеленчук

Речиси сите видови зеленчук треба да бидат застапени во дневната исхрана. Исклучоци се темниот зелен зеленчук и мешунките бидејќи тие можат да го оптоварат организмот на бебето преку мајчиното млеко.

Овошје

Не постои посебен вид овошје што треба да го консумирате по породувањето, туку се препорачува секојдневно да јадете разновидно свежо овошје. Се препорачува комбинирање на различни видови овошје (боровинки, банана, авокадо) кои е најдобро да ги внесувате преку свежо цедени сокови, без додавање шеќери и засладувачи. Доилките треба умерено да внесуваат цитрусно овошје бидејќи тоа може да го иритира гастроинтестиналниот тракт на бебето, кој сè уште не е созреан.

Протеини

Протеините се основа за мускулите, сврзното ткиво и хормоните. Телото на мајката го следи развојот на бебето сите 9 месеци и по породувањето треба да ги дополни сопствените резерви на протеини за организмот да функционира нормално. Во исхраната е неопходно да вклучите здрава готвена храна која содржи намирници богати со протеини, кои се наоѓаат во црвеното месо, пилешкото и морската храна.

Житарици

Влакната што ги содржат житариците овозможуваат вашиот дигестивен систем да биде поздрав. Се препорачува секојдневно внесување ориз, јачмен, пченка, овес и други зрна. Житариците се исклучително богати со фолна киселина, која е потребна за развој на бебето во првите месеци. Покрај тоа, содржат железо, кое штити од анемија, која е често застапена кај трудниците.

Храна што треба да ја избегнуваат

Зачинета храна

Иако сите лекари не се за тоа зачинетата храна да се избегнува по породувањето, бидејќи сметаат дека со нејзиното користење ќе се развијат подобри рецептори за вкус кај бебето, повеќето се сепак големи противници. Зачинетата храна лошо влијае врз бебето. Се препорачува да се избегнува минимум шест месеци по породувањето бидејќи придонесува бебето да биде раздразливо.

Масна храна

Се препорачува избегнување на масната храна за организмот да се врати во првобитната состојба. Особено треба да се избегнува пржената храна. Наместо масна храна, се препорачува внес на здрави масти кои се наоѓаат во оревите, сојата, лененото семе, маслиновото масло, кикиритките итн.

Храна која предизвикува гасови, ждригавица и киселини

Освен што му влијае на бебето, некоја храна е исклучително тешка за родилките бидејќи им предизвикува ждригавица, гасови и киселини. Поради тоа, треба да се избегнуваат газирани пијалаци, грав, цитрус, лук, чили, бибер, чоколади, но и необработени намирници бидејќи доста тешко се варат.

Кафе и алкохол

Доилките треба да обрнат внимание на кафето и алкохолот бидејќи тие можат да предизвикаат несакани реакции кај бебето, на пр., раздразливост. Повеќето доктори советуваат дневната доза да биде под 2 шолји кафе, а алкохол максимум една чаша (на пр., една чаша вино).

Водејќи сметка за постпородилната исхрана, на вашето тело му ја давате потребната енергија што ќе ви помогне да бидете најдобра мајка.



912

X