Здравје

Ишијас во бременоста: Како да се ослободите од болките во грбот?

Мачнини, отекување на нозете, болки во грбот, мигрена – ова се чести симптоми што ги имаат бремените жени и тие се појавуваат кај околу 60 отсто од нив. Исто така, кај некои жени се појавува и ишијас за време на бременоста.

Ишијас претставува болка во грбот која се спушта кон една од двете нозе, а настанува со притискање на нервот ишијадикус, најдолгиот нерв во периферниот нервен систем кој се протега од задникот до стапалата. Ишијасот може да предизвика тешкотии при движење и стоење. Болката обично се шири по едната или по двете нозе сè до прстите, што го отежнува движењето. Ова дополнително се влошува со растењето на стомакот и промените во рамнотежата и држењето на телото.

Симптоми на ишијас во бременоста

Како што се зголемува тежината и се менува центарот на рамнотежа, така се зголемува и болката од ишијасот. Сето ова предизвикува болни симптоми кои можат да бидат уште поизразени во бременоста.

Ова се најчестите симптоми:

  • Остра болка која се појавува на моменти или е постојана;
  • Болка во долниот дел на грбот која се шири низ ногата, до прстите;
  • Неможност за нормално движење на болната нога;
  • Тешкотии при станување;
  • Тешко одење;
  • Силна болка при погрешни движења;
  • Болката не се намалува со масажа;
  • Трнење при движење на ногата;
  • Чувство на вкочанетост

Зошто се појавуваат болки во грбот за време на бременоста?

Болката во грбот за време на бременоста може да се појави од повеќе причини, а има и фактори кои можат да ја зголемат болката или да имаат влијание врз нејзиното појавување.

Освен што веќе постојните проблеми со грбот можат да се појават за време на бременоста, влијание имаат и прекумерната тежина и хормоналните промени. Кај жените што имаат седентарен начин на живот поради работа или други обврски болките се почести.

Ишијасот во бременоста може да се појави во првите месеци и е почест кај жените кои претходно имале такви тешкотии. Болката обично се зголемува како што напредува бременоста, а кај некои жени останува како хронична состојба. Проблемот главно се јавува поради притисокот на матката на нервот.

Се верува дека во првите месеци причина за ишијас се хормоналните промени, а во подоцнежните месеци механички притисок на ‘рбетот поради растот на плодот и дополнителната маса што треба да ја поднесат мускулите и коските.

За да се ослободите од болката за време на бременоста, важно е да знаете зошто се појавува за да може прво да се реши причината, а потоа и последицата.

Хормоните во текот на бременоста создаваат тешкотии уште од раните месеци. Причината е хормонот релаксин, кој доведува до зголемена подвижност во зглобовите и намалена стабилност. Поради ова, зголемена подвижност може да се појави во лигаментите на карлицата и лигаментите лоцирани на крајот на ‘рбетот и карлицата. Овие зглобови вообичаено не се подвижни, а нивното ново движење може да предизвика болка за време на бременоста.

Вишокот килограми пред бременоста, како и килограмите што ги носи самата бременост, може да предизвикаат болки во грбот. Како што расте бебето, се зголемува притисокот врз мускулниот и скелетниот систем во телото. Исто така, се менува и центарот на рамнотежа на телото, што го менува држењето на телото. Бременоста може да предизвика и свиткување на ‘рбетот во долниот дел на грбот, што може да предизвика ишијас.

Како да се ослободите од болката?

Освен што можете да го минимизирате нивото на стрес и да се ослободите од вишокот килограми, постојат и други начини како да се ослободите од болките во грбот за време на бременоста. Се препорачува посета на физиотерапевт кој подобро ќе ја дијагностицира причината за проблемот. Физиотерапевтот може да препорача масажи, топлинска терапија и вежби.

Вежбите вклучуваат истегнување на мускулите на грбот, што може да се изведе и во лежечка положба, погодна за трудниците.

Вежбите за време на бременоста треба да се умерени, побавни и со помал интензитет. Освен што ќе ви помогнат при ишијас, ќе ви го подобрат чувството за благосостојба и самодоверба и ќе ви помогнат да ги намалите килограмите.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top