Неодамна предлог-законот според кој соседна Србија им нуди 10 илјади евра на родителите чии деца исчезнале во српските и босанско-херцеговските родилишта во 70-тите и 80-тите години од минатиот век ги разбесни жените кои веќе со децении ја бараат вистината за своите деца.
Поради тоа, се состанале граѓанските организации и премиерката Ана Брнабиќ, за да дојде до измена на предлог-законот. Мајките на кои им е кажано во болниците дека децата им се мртви, се здружиле во организација и тврдат дека децата им се одземени и продадени, а се смета дека исчезнале повеќе од 10 илјади деца. Сите тие родиле во текот на викенд, на сите им било кажано дека детето е родено мртво и не им било дозволено да го видат, па не можеле да го земат за да го погребаат, туку им било кажано дека тоа е задача на болницата.
Приказната завршила во јавноста кога некои посвоени деца во потрага по своите корени наидувале на сè поголем хаос и мистерија поврзана со нивното раѓање и посвојување. Имено, откако Зорица Јовановиќ добила пресуда против државата Србија во судот во Стразбур, според која таа и секоја мајка мора да знае како и каде по раѓањето завршило нејзиното дете, постоеја очекувања дека ќе дојде до поместување од мртва точка, но тоа не се случи.
Токму поради тоа, претставниците на српските здруженија сметаат дека трговијата со бебињата се одвивала под покровителство на поранешната држава. „По болниците на нашите документи ни се повторуваат имињата на лекарите и затоа сметаме дека тоа е дело на една организирана криминална група. Многу е интересно тоа што оваа битка ја водиме 17 години и што државата нема слух“, истакнала Мирјана Новокмет.
Неодамнешниот предлог-закон ги налутил членовите на здруженијата кои ги бараат своите деца, па премиерката Ана Брнабиќ се сретнала со нив за да дојде до промена во предлог-законот. Според него, конечно ќе се основа комисија која ќе ги истражува случаите на исчезнати бебиња и која би требало да ја расветли трговијата со бебиња. Фактот што во комисијата ќе бидат токму членовите на здруженијата се смета за голем напредок. Првобитниот предлог предизвикал жестоки критики во јавноста, а здруженијата тврделе дека тоа нема врска со трговијата на бебиња, туку со решавањето на правната одговорност во Србија.