Голема интернационална студија покажала дека за трудниците што немаат компликации во бременоста породувањето во домашни услови не претставува поголем ризик, ниту е поврзано со поголема стапка на смртност на детето во текот и по породувањето, во споредба со породувањата на трудниците без компликации во родилиштата.

Во многу развиени земји тоа е честа појава и, се разбира, легален начин на породување, уреден со закон и правила за постапување за сите вклучени во процесот. И покрај тоа, сè уште има многу скептици во врска со ова прашање.

„Сè повеќе жени од развиените земји одлучуваат да се породат дома, но сомнежот во сигурноста на таквите породувања е уште присутен“, изјавила Ајлин Хатон, професор по гинекологија и акушерство на Универзитетот „Мекмастер“.

Оваа студија имала задача да ја провери безбедноста на породувањата во домашни услови и да ја следи стапката на смртност на децата во моментот на раѓање и четири недели по породувањето. Не е пронајдена статистички важна разлика помеѓу овие два вида породување.

Се работи, всушност, за прва метастудија на оваа тема, која е направена со анализа на 20 илјади претходно објавени студии од 1990 година до денешен ден. Така со анализата се опфатени 500 илјади породувања во домашни услови и исто толку породувања во родилишта во земјите низ светот – Шведска, Нов Зеланд, Англија, Холандија, Јапонија, Австралија, Канада и САД.

„Нашето истражување дава и повеќе од потребни информации за креаторите на политики, здравствените работници, како и на жените и нивните семејства при планирање на породувањето“, рекла Хатон, водечки истражувач на студијата.



912

X