Има сé повеќе модерни градинки и училишта, кои на децата им нудат враќање во природата и ги учат на вистинските вредности – дрвени играчки, задолжителна музика и музички инструменти, физичка активност, развивање на имагинацијата… Нудат интелигентни начини за поминување време за децата кои (би требало да) се неисцрпен извор на фантазија, идеи и инспирација. Овие институции се, на некој начин, одговор на ситуацијата во која денешните деца наместо топка во рацете, имаат мобилни телефони, наместо да скокаат и прескокнуваат – седат на компјутер, наместо да смислуваат и прават, пасивно гледаат и слушаат.

Сите активности кои се практикуваат во тие градинки и училишта ме потсетуваат на она што некогаш ме учеше мојата баба. За мојот брат, сестра ми и мене, таа никогаш не беше баба, бидејќи бабата ја замислувавме како негувана и тивка постара дама. Таа беше строга, силна, бистра и со остар јазик. Права – баба. Се потпишуваше со прст, не знаеше да чита и да пишува, но знаеше да брои и да пресметува, бидејќи така никогаш не можеа да ја измамат кога купуваше во продавница или на пазар, или кога продаваше сода – вода.

Ме научи сешто. Варевме јајца, а кога ги месеше колачињата, ми дозволуваше да го развлекувам тестото, да си играм со брашното и да ја имитирам неа во она што го прави. Тогаш беше само игра, а сега сфаќам дека од мали нозе ме учеше на самостојност, што е „заповед број 1“ на големиот педагог Марија Монтесори. Ги храневме кокошките, кучињата и мачките, кои ги чуваше. Така, уште од малечка научив да ги сакам животните. Постојано бевме во дворот, или пешачевме до лозјата и тогаш сфаќав колку е важна природата за човекот. Одеше бавно, нога пред нога, бидејќи не можеше побрзо, но тоа не беше важно, бидејќи ние никаде не брзавме, а на крајот на краиштата, најважно беше да се стигне. Немав многу играчки, а тогаш сакав само едно нешто – дрвено коњче. Сега ми е смешно кога ќе се сетам со кој жар фантазиравме дека ќе го направиме тоа коњче. Неодамна читав дека е важно детето да не биде „затрпано“ со играчки и со имагинација да се додаваат елементите кои недостасуваат, бидејќи токму тогаш се активираат мисловните процеси и се развива креативноста.

Игравме домино, и „Не лути се човече“. Ме учеше да не се лутам кога губам, дека морам да размислам добро за следните потези и дека секогаш можеме да играме пак ако изгубам. Ме водеше во црква уште одамна, кога не беше ниту „ин“ да се биде верник и таму палевме свеќи и се сеќававме на оние кои се „на небо“.

Сега често наидувам на вести дека најголемите ИТ лица, издвојуваат значајни суми за да ги испратат децата во училишта во природа, каде што нема современи технолошки помагала. Главна причина е тоа што таквите училишта, ги учат децата на вештини на иновативно размислување какви што се барани од многу работодавачи. На учениците кои „растеле со технологија“, често им недостасува способност за пошироко размислување и решавање на проблеми. За тоа сведочат глобалните извештаи и истражувања, кои кажуваат дека образовните системи кои многу вложиле во компјутерска опрема „не доживеале никакво посебно подобрување“ во резултатите од ПИСА тестовите во читање, математика и наука.

Секое дете би требало да има една ваква баба, која умее да те забавува и научи и која сепак не може да биде заменета од ниту една градинка.

Автор: Нада Вељковиќ



912

X