Начините за воспитување деца се разликуваат од култура до култура, но сите родители на планетата имаат нешто заедничко – го сакаат најдоброто за своето дете. Дури и ако мислите дека вашиот начин на воспитување е најдобар, сепак откријте како тоа го прават другите родители.

Допирот ги зборува сите јазици

Дали некогаш сте помислиле како би изгледало вашето родителство ако живеете на друго место? Колку вашиот став кон некои грешки или постигнувања на вашето дете, кон неговите амбиции или потреби, би бил различен, ако би биле на пример, жител на Далечниот исток, Австралија или Карипските острови? Колку не одредуваат тие илјадници километри лево или десно на широката мапа на светот?

Се подразбира дека различните стилови на воспитување влијаат на растењето на детето и неговото целокупно поимање на светот кога ќе стане возрасна личност. Денес знаеме дека во оние средини каде што се задоволени детските, физиолошките и психолошките потреби (галење, носење…), децата имаат побрзи моторен, емоционален и когнитивен развој. Освен тоа, доењето, масажата, допирањето (и несвесно, во текот на сонот) влијаат на создавање на блиски емотивни врски помеѓу родителите и детето, кои можат да опстанат засекогаш како нивно трајно богатство.

Зборување и потреби

Увидот во различните обичаи ќе ве охрабри во понатамошното истражување на различните култури, во пронаоѓање на најдобар начин за воспитувањето на вашето дете. Исто така, ќе ве потсети на тоа дека не мора да постои само еден правилен начин на одгледување и образување на детето.

Разликите во односот кон вашите деца се гледаат веќе од нивното раѓање. Во првата година од животот на детето, се разликуваат пристапите на родителите во оние секојдневни активности (начинот на кој му зборуваат на бебето, носењето, хранењето…), но во согласно очекувањата од другите лица во опкружувањето, а пред сѐ поширокото семејство и образовниот систем. Во текот на првата година, родителите од Европа и САД често им зборуваат на децата користејќи голем број на изразено нежни зборови.

Од друга страна, мајките во Индија или Африка, наместо „бебешки“ говор и големи изјави на љубов, тие се фокусираат на таканаречен јазик на потреби, на пример, му се обраќаат на бебето со: „Сигурно си сега гладен…“. Исто така, овие мајки своето бебе долго ќе го носат со нив и ќе имаат близок физички контакт, а со тоа поемотивна врска отколку мајките во Европа.

Детска самостојност

Мајките од западна Европа често имаат дилема дали требаат да ги дојат своите деца. Во Африка ова прашање и не се поставува бидејќи доењето се подразбира. Во Јапонија лесно може да ви се случи на улица да видите петгодишно дете во друштво на постари браќа или сестри, но без присутност на родителите. Кога ќе наполнат осум години, веќе ќе бидат без своите сестри или браќа. И во Шведска се инсистира на детска самостојност, како и на демократски однос помеѓу родителите и децата.

Тука почитувањето на детските права е изразено важно, па не е реткост да оди во друга крајност бидејќи неисполнувањето на детските желби може да се смета за ускратување на некое негово право. Во Норвешка, повеќето деца од година дена почнуваат да престојуваат во државни градинки. На тој начин, од најрано доба се навикнуваат на друштвото од своите врсници. Познато е и тоа дека родителите во Норвешка се посветени на природата, па децата и во лето и во зима, без разлика на надворешната температура, излегуваат да си играат надвор.

Пеењето смирува и учи на насмевка

Неправедно е и погрешно, некои на нас далечни и непознати култури, да ги сметаме за помалку важни, помалку вредни, само затоа што го немаат она кое ние го подразбираме како „висок стандард“. Но, токму овие култури може да го имаат „она нешто“ кое сите треба да го научиме. На пример, во многу земји во Африка (Уганда, Нигерија), жените играат и пеат во текот на целата бременост бидејќи знаат дека со тие исти песни наскоро ќе го заспиваат своето дете. Ваквото нивно однесување за нив е природно, го научиле од сопствено искуство бидејќи и самите така се одгледувани.

Обидувајќи се во својот живот да воведат што повеќе добри нешта од други култури, многу жени во светот посетуваат часови за пеење како дел од подготовките за породувањето. Понекогаш (како во Виламарксант, Шпанија), има труднички курс за пеење и исклучиво народни песни за заспивање, кои имаат ритам на лулање на колевките или столиците за лулање. Овие песни со својот ритам потсетуваат на отчукувањето на мајчиното срце, што за бебето, кога ќе се роди, ќе значи побрзо смирување токму заради асоцијативните врски со животот во мајчината утроба.

Досегашните резултати покажуваат дека овие мајки полесно се породувале и побрзо воспоставувале емотивни врски со своите бебиња, отколку оние трудници кои имале класична подготовка за породувањето. Исто така, веднаш после породувањето забележано е значајно повисоко ниво на свесност кај бебињата и полесно поврзување со мајката. Посебно е необично тоа што овие бебиња многу побрзо од другите почнале свесно да се смеат.

Училишен предмет „среќа“

Постојат големи разлики и во пристапот кон образованието. Така, ако го школувате вашето дете во Финска, тоа не би имало класични предмети, бидејќи таквиот систем на образование таму се смета за стар. Наместо тоа, воведено е таканаречено истражување на феномени, па во рамките на една целина (на пример, тема: Европска Унија), се учат помали, составни делови (јазици, историја, политика, географија, земји кои и припаѓаат).

И во Јапонија на образованието му се обрнува големо внимание. Децата од претшколска возраст учат да свират пијано, да пливаат, учат странски јазик (исклучиво англиски). Исто така, се смета дека процесот на образованието не завршува со одреден степен на образование, туку трае доживотно. Кога би живееле во Германија, можеби вашето дете би учеле предмет кој се вика „Среќа“. Имено, таму одлучиле да се обидат да ги учат своите средношколци за задоволството на животот, ведрината, самодовербата. Предавањата ги одржуваат учители, педагози, психолози, актери, терапевти.

Сличности

Кога ќе ги погледнете овие разлики, се наметнува прашањето: имаме ли некои заеднички карактеристики, нешто што ги поврзува сите родители ширум светот? Секој родител на своето дете му го посакува најдоброто, без разлика во кој дел од светот детето расте. Благодарение на големата љубов, најдобрите намери и желбата да бидат што подобри родители, заеднички им се одредените пораки на кои сакаат да ги научат своите деца. Овие пораки се врзани за:

– Сигурноста – се разликуваме во проценките за она што е (не)сигурно за детето кое расте во дивиот Амазон или во срцето на некоја европска метропола, но потребата за обезбедување на сигурноста на детето е присутна секаде.
– Самостојност – без разлика на големата заштитничка улога која родителите ширум светот ја имаат кон своите деца, денес се повеќе свесни дека за детето е подобро да биде независно и способно за самостоен живот.
– Образование – повеќето родители, без разлика на сопствениот степен на образование, сѐ повеќе го согледуваат значењето на образованието за иднината на своите деца.

Денешните пораки

Конечно, иако е секогаш добро да се учи од претходните генерации и да се усвојуваат знаења од други култури, да се негуваат традиции и корени, одгледувањето на децата сепак мора да биде насочено кон потребите на современите генерации. Знаеме ли воопшто, кога се обидуваме да ги подготвиме децата за живот во свет полн со технологија и забрзано темпо, кои пораки сакаме да им ги пренесеме?

Кога пред неколку години американското женско списание „Магазин женско здравје“ ги повика своите читателки да ги наведат најчестите совети кои ги добивале од своите мајки во текот на растењето, забележано е дека овие пораки се сосема современи иако некои од нив биле актуелни и во претходните векови, па на извесен начин, се универзални. Овие пораки се однесуваат на женската популација:

– Биди самостојна и финансиски независна.
– Уживај додека си млада. Искористи ја младоста на патувања, истражувања, нови искуства.
– Држи до себе и до својата самопочит.
– Не избрзувај со одлуките. Чувај се од импулсивност.

Факт е дека во заедничкото растење на родителите и децата, нема магично стапче или општо важечки совети. Всушност, колку што има родители на светот, толку има и различни теории за воспитување. Искористете го сегашниот момент, кога, благодарение на интернетот, достапна е голема количина на информации. Вашето дете е единствено, неповторливо и скапоцено. Тоа заслужува добро да се информирате, да го искористите најдобро она што ќе го прочитате или слушнете од родителите ширум светот. Така на своето дете ќе му пружите најмногу.

Автор: Јелена Холцер



912

X