д-р Драган Костовски, дефектолог и биофидбек терапевт

д-р Драган Костовски, дефектолог и биофидбек терапевт

„Биофидбек центар“
Тел. 075 422 771
Biofidbek Centar

Повеќе од авторот

Прашањето дали е потребно инклузивно образование за сите ученици одамна е расчистено, демократските социјално ориентирани општества се согласија дека основното редовно образование треба да биде достапно за сите ученици, вклучително и за оние со одредена попреченост. Принципот по кој се водевме во минатото, кога постоеја специјални училишта, се отфрла како застарен и се усвојува нов принцип по кој треба да се водат сите основни училишта во нашата земја, а тоа е да се приспособиме кон потребите и способностите на детето.

Кога би ги измериле последиците од стресот и траумите низ кои ќе минува детето што не било добро прифатено, можеби и на посебното основно образование не би гледале со предрасуди. Сепак, концептот за инклузивно образование е единствениот пат по кој се движи нашето општество и неговата целосна примена е прашање на време

Тргнувајќи од овој принцип, донесени се голем број законски и подзаконски акти со кои им се овозможува на секое дете да посетува редовна настава и во исто време наставните планови и програми за него да бидат приспособени согласно моменталните психофизички способности. Цело време се следат учениците, се изготвуваат индивидуални образовни планови, се работи индивидуално со ученикот. Создаден е систем на совладување знаења и вештини, но и оценување на истите за сите ученици, согласно нивните можности и способности.

Од друга страна, практичната примена на сето ова наидува на голем број проблеми и тешкотии од различна природа, и секој родител на дете со попреченост во развојот си го поставува прашањето: „Дали да го запишам моето дете во редовно основно училиште“.

Повеќето родители поттикнати од општествената стигматизација доколку го запишат сопственото дете во посебно основно училиште, се одлучуваат за редовно основно училиште, што од една страна е добро следејќи го трендот на инклузивно образование, но од друга страна постои голема недореченост во целиот овој процес на инклузија.

Проблемот е во немањето добро разработена методологија за критериумите според кои ќе се водат училиштата при приемот на ученици со посебни образовни потреби, не се дефинирани минимум потребните психофизички способности за еден ученик да биде вклучен во редовна настава, впрочем, и целиот концепт се заснова на идејата дека сите без разлика на попреченоста треба да следат редовно образование. Но што доколку тоа дете не се чувствува како дел од таа средина, што доколку и покрај сите преземени мерки за добра инклузија, сепак, тоа дете не е среќно во инклузивната средина. Голем број се примерите во кои врсниците ги отфрлаат своите соученици со попреченост и на секој можен начин настојуваат да ги исклучат од групата. Сведоци сме и на настани кога родителите се организираат, потпишуваат петиции и претставки со цел да преместат некое „специфично“ дете во друго одделение или училиште.

Кога би ги измериле последиците од стресот и траумите низ кои ќе минува детето што не било добро прифатено, можеби и на посебното основно образование не би гледале со предрасуди. Сепак, концептот за инклузивно образование е единствениот пат по кој се движи нашето општество и неговата целосна примена е прашање на време.
Во моментов сè уште покрај редовното основно образование се нуди и систем на посебна воспитно-образовна работа за специфични категории на попречености, т.н. „специјални училишта“, за кои мора да признаеме дека сите овие изминати години во голема мера дадоа позитивен придонес во воспитно-образовниот процес на децата со посебни образовни потреби. Постоењето на паралелен образовен процес покрај инклузивниот некако се покажа како најдобар модел со кој се опфатени сите деца, а притоа се зачувува нивниот интегритет во воспитно-образовниот процес.
Дилемата во која можеби би се нашле родителите на децата со попречености дали инклузивното основно образование е најдобриот избор за нив лесно може да се надмине со следење на желбите и потребите на детето, а не на амбициите и желбите на родителите.

Детето има право да биде среќно и прифатено каде и да се наоѓа



912

X