Нема да именувам одредени луѓе и да потенцирам, само ќе го кажам моето општо мислење и став. Децата – особено бебињата и помалите деца – се користат од страна на родителите како модни додатоци. Некои инфлуенсери на „Инстаграм“ или блогерите на социјалните медиуми постојано споделуваат фотографии од своите деца, уште од нивниот прв ден на светот. Нема трага од некаква телесна течност која детето ја исфрлило, нема никаква дамка, туку ни се презентира совршена слика на дете кое повеќе изгледа како кукла отколку како вистинско дете. Тоа можеби е и намерата – има профили на социјалните медиуми кои изгледаат како профил на компанија или некој бренд.
Некогаш е фотографија од плажа каде што одат рака под рака, усогласени во стиловите. Некогаш е фотографија од заедничко вежбање на целото семејство. Седнати на подлогите за јога, во скапа опрема и облека за вежбање. Има и моменти кога родители го ставаат своето бебе на спиење во совршена бебешка кошница, со наредени дрвени играчки во околината. Знам дека сето ова звучи осудувачки, но едноставно мислам дека децата се користат како некаков вид моден додаток, а тоа, според мене, не е во ред. Бидејќи децата не се експонати, тие не се предмети кои може да ги користите за да изгледате подобро на одреден начин.
Децата се деца. Тие се валкани, неуредни, не се грижат што имаат облечено и важно им е да си играат.
Скапите предмети и облека не само што се премногу скапи, туку често не се ни безбедни, на пример, кошници за спиење, предмети кои се ставени на листа со небезбедни нешта за децата, според светските експерти.

Други нешта што треба да се избегнуваат и не се безбедни се ѕидни декорации, светилки, перници, корпи. Се прашувам од кога потребата да се сподели таква слика е поголема од безбедноста на детето и здравиот разум? Исто така, се прашувам од каде произлегува таа желба? Бидејќи во ред е да сакаме нашите деца да изгледаат убаво, особено во специјални пригоди, но дали тоа треба да биде екстремно? Дали тоа треба да бидат единствените слики од нив споделени на социјалните медиуми? Дали е тоа потребно и за која цел служи?
Знам за која цел НЕ служи.
Автор: Шона Хендли