Во последниве години можевме да слушнеме навистина чудни имиња за деца, а некои се толку бизарни што се забранети.
На пример, еден пар во Франција сакал на своето дете да му го даде името Нутела, но судијата не им дозволил да го сторат тоа. Одлуката на судијата нема никаква врска со авторските права, туку, како што појасни, името на детето би станало предмет на потсмев. Родителите на крајот го нарекле детето Ела.
Во Франција е забрането и името Фрејс, што во превод значи јагода, бидејќи може погрешно да се протолкува како сленг за задник. И овој случај завршил на суд, па родителите на крајот се одлучиле за името Фрејзин.
Трет пар во Франција се обидел на детето да му го даде името Принц Вилијам, но и тоа паднало во вода со цел детето да не биде исмејувано.
Португалија е уште една земја која има строги правила кога се во прашање имињата. На пример, прекарите не можат да бидат официјални имиња. Родителите што сакаат да го именуваат своето дете Том, ќе мора да го изберат името Томас.
Во оваа земја се забранети и имиња што не се португалски, а Тор, Нирвана и Париз се само неколку на списокот од 82 страници со забранети имиња.
Брачен пар од Шведска се обидел на своето дете да му го даде името Brfxxccxxmnpcccclllmmnprxvclmnckssqlbb11116, во знак на протест поради казната што ја добиле затоа што не го запишале името на детето до петтиот роденден. При поднесувањето на барањето во 1991 година тие рекле дека името се изговара Албин, но не добиле одобрение.
Друг шведски пар сакал да го именува детето Икеа, но не успеал бидејќи е забрането да се користат имиња на компании.

На Исланд буквата К не е вклучена во азбуката, па затоа е забрането да се користат имиња што почнуваат со таа буква. Затоа, поранешниот градоначалник на Рејкјавик, Џон Гнар, бил спречен да ја крсти својата ќерка Камила.
Исланѓанката Хариет Кардју, чиј татко бил од Обединетото Кралство, не можела да добие пасош бидејќи нејзиното име не постои на Исланд. Таа на крајот добила пасош со името Стулка (девојката) Кардју.
Нов Зеланд ги забрани имињата Свети, Принц, Крал и Ројал, а родителите што сакале да го наречат својот син со римскиот број III, исто така, не добиле одобрение.
– Можеби сакате да му дадете на детето глупаво име, но запомнете дека детето ќе живее со тоа – рекол тогаш матичарот Џеф Монтгомери.
Покрај тоа, Нов Зеланд строго пропишува дека интерпункциските знаци не можат да бидат дел од името.