Еден од начините да задржиш дел од волшепството на празниците е на твоето дете да му дадеш име кое во себе го носи духот на божиќните и новогодишните празници.

Светла што блескаат, празнични колачи и убава музика, несебични дела и семејни дружења. Сето од ова се случува во декември и јануари, месеците на кои сите им се радуваат.

Ви претставуваме неколку преубави имиња што во себе го носат духот на празниците…

1. Никола (народен победник)

Свети Никола е еден од најпознатите, но и најомилени христијански светци кој правел многу добри дела. Роден бил во 255 година на полуостровот Мала Азија, а станал свештеник бидејќи сакал да шири добрини. Потекнувал од имотно семејство и уште како дете правел добри дела и го помагал сиромашните. Во текот на целиот живот се борел против неправди и поттикнувал на љубов кон ближните.

Свети Никола се слави како заштитник на морепловците и децата. Денешното верување за свети Никола е создадено врз база на многубројни легенди, а една од нив вели дека му помогнал на еден пропаднат благородник кој го изгубил целиот имот, па немал пари за мираз за своите три ќерки. Свети Никола кришум ноќе му фрлал златници преку оџакот кои директно паѓале во чорапите што се сушеле покрај огнот. Од таа приказна се развила легендата за Дедо Мраз кој носи подароци преку оџакот.

2. Луција (светлина)

Света Луција е христијанка родум од Сиракуза која, поради својата вера, маченички пострадала во 303 година. Заштитничка е на полјоделците, на слепите (духовно и физички), на кројачите и ковачите.

3. Стела (ѕвезда)
Името е од латинско потекло и доаѓа од зборот „стела“ што значи ѕвезда. На врвот на божиќната елка секогаш стои ѕвезда, но исто така тоа е убаво име за вашата малечка ѕвезда.

4. Марија (љубена од Бог)

Библиското име го носат неколку жени, од кои најпочитувана е мајката на Исус. Христијаните најчесто ја викаат Блажена Девица Марија, но и натаму течат дебатите за точното значење на името. Често се користи објаснувањето дека доаѓа од хебрејското име Мирјам – љубена од Бог.

5. Јосиф (Бог умножува)

Првпат се споменува во Стариот завет. Исто така, тоа е името на сопругот на Марија. Денес е раширено низ целиот свет, но во Европа почнало да се шири многу доцна, дури во 18 век. Доаѓа од хебрејскиот збор „јосеф“ и значи Бог умножува.

6. Стефан (венец, круна)

Доаѓа од грчкиот збор „стефанос“ што значи венец, круна и значи – оној што е овенчан, со круна на главата. Според Библијата, по смртта на Исус, поради отвореното проповедање на Исусовото учење и неговата припадност на заедницата на христијанските ученици, бил осуден за богохулство, а потоа бил каменуван до смрт.

7. Гаврил (Господ е мојата сила)

Архангелот Гаврил во Библијата е гласник на одлуките на Бог и е еден од седумте архангели. Во Новиот завет му навестува на Захариј дека ќе му се роди син Јован Крстител, а на Девица Марија дека ќе го роди Исус. Заштитник е на поштарите.

8. Христијан

Потеклото на ова име е грчко и доаѓа од зборот „христос“ што значи христијанин, помазаник. Името е многу популарно и кај нас, со изведенки како Кристина, Кристијан.

 



912

X