Меѓу добро ситуираните родители и оние што се обидуваат така да изгледаат количката за бебиња е предмет на желба, мерење и неопходна влезница во „високото друштво“, покрај базен со песок зад зградата. Затоа во налет на почетнички ентузијазам и желба да започнете со својот родителски стаж во голем стил, сте се одлучиле за најскапиот модел кој повеќе потсетува на подвижен апартман со плазма-телевизор и мини-бар отколку на практично превозно средство за вашиот нов член на семејството.

Не се на цена само моделите на кои главна карактеристика им е што во дури 20 комплицирани движења се претвораат од една во друга работа, кои воопшто не ви се потребни. Доколку сакате да дадете многу пари за количка, можете да се одлучите и за еден од оние модели што изгледаат како тостер, дизајнирани некаде во Скандинавија и направени од најнови легури на НАСА за спејс шатл, така што вашето дете со мирна душа ќе можете да го изнесете на прошетка и кога надвор има магнетна бура, додека дуваат соларни ветрови или е во тек некоја нуклеарна проба во соседството. Таквата количка, освен што порачува дека сте финансиски стабилни, испраќа и порака дека сте многу упатени во трендовите, уметноста и дизајнот, па следствено на тоа и дека сте многу „кул“ и „фенси“ личност.

Набрзо, се разбира, ќе сфатите дека единствена предност на прескапите брендирани колички за бебиња е таа што ќе се чувствувате моќно кога за време на прошетките ќе сретнете други родители, бидејќи рака на срце, оние што немаат деца нема ниту малку да ги импресионира фактот дека поседувате најнов модел на „комби“ или „трио“ систем од водечкиот бренд на пазарот за опрема за бебиња. Ќе сфатите и дека половина од сето тоа кое сè уште не сте го ни отплатиле воопшто не ви треба, а само ви зафаќа простор. Што е уште полошо, можеби сте главен лик во паркот со вашата „лимузина“, но количката не можете да ја турнете низ врата.

Се разбира, по некое непишано правило, колку повеќе сте платиле за бејби-порше, толку се помали шансите вашето дете воопшто да сака да се вози во него. Кога ќе поминат првите месеци, ќе се затекнете себеси како по цел ден го носите детето во една рака, додека празната количка ја туркате со другата, размислувајќи за тоа како би било убаво да можевте вие некако да влезете во неа и така завиткани да го преспиете ручекот наместо да се влечкате наоколу со последни сили.

На крајот, целата ваша епопеја со прескапата количка ќе заврши таму каде што по правило завршуваат родителите кои и сами никаде не одат – дале пари колку што вреди цело едно штотуку регистрирано „југо“, во пристојна состојба, кое може да ги однесе барем до црногорското крајбрежје. А тоа е – во рубриката на мали огласи, очајнички обидувајќи се да вратите барем дел од вложеното богатство и надевајќи се дека таму ќе ве пронајде некој барем малку помудар од вас, кој одлучил својот специјален статус во високото бејби-друштво, да набави количка по намалена цена, од втора рака.

Сето ова, се разбира, нема да им го кажувате на пријателите, колегите и родителите кога ќе разговарате за бебешки теми. Ним ќе им објаснувате (додека се обидуваат да се повратат од шокот кога ќе слушнат колку сте ја платиле количката), дека вреди секој даден денар и дека не знаете како воопшто би успеале да ја поминете таа прва напорна година без прескапата, ултрамодерна и крајно непрактична апартман-количка со пет ѕвезди.

Автор: Јована Папан за detinjarije.com



912

X