Доаѓаме уморни од работа и не ни е до ништо. Но, имаме ли право да му пуштиме на детето да гледа цртан филм наместо да му читаме бајки, или да играме со него?

Најважниот стадиум од развојот во животот на детето е најраниот, а најважните луѓе во сечиј живот се тие што се со него кога е најмладо. Тоа се родителите, воспитувачите, наставниците, педагозите…, вели Урош Петровиќ, коавтор на програмата НТЦ-систем на учење и за севкупен развој на децата заедно со д-р Ранко Рајовиќ, автор на книги за деца и млади кои ги поместуваат границите во современата литература и добитник на многу награди за своите дела.

Урош Петровиќ

Поголеми можности

Петровиќ објаснува дека многу работат со воспитувачи и со родители во целиот регион за да им покажат што мора да се прави токму во најраниот период за детето да биде успешно, да го достигне својот максимум.
– Еден сегмент на кој сите треба да работат е читањето. Ние соработуваме со германскиот институт „Гете“, кој правеше истражување во Германија, а потоа уште во две земји доби исти резултати. Децата кои читаат, децата на кои им се чита кога се мали, децата кои заедно со родителите читаат сликовници имаа за третина поголеми успеси во школувањето и во животот. Кога се прави разликата? На седум или на осум години, па и на шест. Имаме ли тогаш право, иако доаѓаме уморни од работа и ако не ни е до ништо, да му пуштиме на детето да гледа цртан филм наместо да му читаме бајки. Имаме ли право да му одземеме третина од шансите за поголем успех затоа што сме уморни? – прашува Петровиќ.
Советите на НТЦ дека интелигенцијата кај децата се развива низ игра и кога децата трчаат, скокаат и паѓаат се веќе добро познати и признати.
– Во конкретниот случај е логично: Детето што чита ќе има малку побогат речник, ќе биде повешто со речениците, без оглед на тоа дали ќе биде учител, адвокат или што било. Голема е предноста – објаснува нашиот соговорник.
Интелигенцијата е снаоѓање, поврзување, донесување одлуки, а сето тоа постои во играта. За жал, имаме сè помалку игри со движење, детските игралишта и парковите се полупразни, а се зголемува бројот на игри и активности пред екраните.

Кој збор се крие во зборот Македонија?

Петровиќ ја потенцира потребата да се поттикнува развојот на функционалното знаење и креативниот начин на размислување кај децата.
– При тестирањата во која било област на првите пет места се менуваат  Јапонија, Макао, Јужна Кореја, Сингапур, Виетнам… За што станува збор? Секако дека има мала културолошка разлика, но главната работа е во тие нивни комплицирани писма (азбуки). За детето да ги научи да ги пишува, да ги црта, да ги повлекува тие линии, мора да почне од 3-годишна возраст. Секако, ние нема да ги учиме нашите деца да пишуваат јапонски или кинески, да ги учиме да ги цртаат јапонските или кинеските букви, но има многу други работи што треба да ги работиме со нив, а кои го развиваат системот за размислување – вели Петровиќ.
Една од игрите што ги препорача е наоѓање скриени зборови во зборовите.
– На пример, кој збор се крие во зборот Македонија. Децата го слушаат зборот мак, афион. Родителите ова може да го работат сами со децата. Е сега, на некои им е чудно зошто е важно децата да станат мајстори и да препознаат збор во зборот. Ние не го правиме тоа за тие да станат мајстори за тоа препознавање, туку за да се развие тој механизам што тие утре ќе го користат за да препознаат каде е CH3 во некој хемиски молекул или каде е Х1 во некоја математичка формула –додава Урош.



912

X