ПРАШАЊЕ: Ви се обраќам со дилема што ја имаме околу почетокот со училиште. Син ми е роден на средина од март 2021 год. и по распоред би требало да почне во училиште следната година, на негови 6,5 години. Но тој веќе ги знае буквите, бројките, сам научи и да чита, несмасно и да пишува. Забележуваме дека има интерес за покомплексни теми од тоа што обично ги интересира децата на негова возраст – сака да му читаме од енциклопедии, има одлична меморија, фокус, елоквентен е. Според ова, нам ни личи дека е спремен за училиште уште овој септември, со страв дека ако почне догодина, ќе губи интерес за наставата поради тоа што веќе му се многу нешта апсолвирани. Дополнително, во градинка му е измачување спиењето, па ете и тоа би го избегнале со училиштето. Од друга страна, свесни сме за емоционалната зрелост потребна за училиште, многуте обврски и не би сакале да му го скратиме детството со прераниот почеток. Што би нѐ советувале?
ОДГОВОР: Тешко е носењето одлуки кога се работи за нашите најмили, децата. Вашите чувства се сосема нормални и разбирливи, но напорно е постојаното клацкање на една и на друга страна. Јас чувствувам и знам дека длабоко во себе вие го знаете одговорот на вашето прашање, но ајде да видиме дали со овој одговор ќе го потврдите.
Од она што го опишавте, вашето дете интелектуално е напредно, со многу силна љубопитност, со одлична меморија и со рана писменост, и некако логично е кога ќе размислите, дека ако почне на училиште следната година со неговото знаење, ќе му биде досадно.
Но,подготвеноста за училиште не се мери само со букви и бројки, туку и со многу други работи, како саморегулација, трпение, следење правила, одвојување од родителите, работа во група и поднесување на фрустрацијата.
Што значи дека детето може да чита предвреме, а сепак да биде во фаза кога му треба игра, движење, емоционална поддршка и постепено навикнување на обврските.
Исто така, емоционалната зрелост значи детето да може да чека ред, да прифати насока од возрасен, да се справи кога нешто не оди како што сака и да се одвои од дома без голем стрес. Социјалната зрелост значи да може да се вклопи меѓу врсниците, да соработува, да слуша друг и да поднесува различни правила од домашните, родителите. Ако овие вештини сѐ уште се многу слаби, училиштето може да стане товар иако детето знае многу.

Кога зборувате за спиењето во градинка, тоа е момент на одмор, што значи дека не мора детето да спие, но може да се одмори и ако го земате и ова во прашање, училиштето ќе носи друг тип барања и поголема психичка дисциплина.
Најдобро е да ја видите целокупната зрелост, а не само интелектуалната. Ако детето лесно се фрустрира, има силна потреба од игра и слобода, тешко толерира чекање или уште е многу зависно од вас, родителите, подобро е да добие уште малку време. Ако, пак, е самостоен, стабилен во емоциите, ужива во структурата и може да следи правила без голем отпор, тогаш раното тргнување може да биде и добра опција.
Не би препорачала одлуката да се носи само врз основа на тоа што детето „веќе знае“.
Важно е да се има предвид дека понекогаш некои деца, иако се интелектуално многу напредни, имаат знаење и интереси далеку над својата возраст, сепак може да „заостануваат“ во некои други области – најчесто емоционалната зрелост, трпението, саморегулацијата или социјалната адаптација.
Од друга страна, вие како родители најдобро го познаваат своето дете. Најдобро го чувствувате неговиот ритам, неговите силни страни, но и местата каде што сè уште му треба поддршка и време. Затоа, вашите чувства и набљудувања се многу важни при носењето на оваа одлука.
Најпаметно е, доколку сакате, да направите процена на развојната, емоционална и социјалната зрелост, тогаш најблиску ќе дојдете до реалната слика за вашето дете, иако мислам дека веќе ја знаете 🙂
Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova