Родителите со право се загрижени за здравјето на нивните деца, иако досегашната практика покажа дека нема голем број евидентирани позитивни случаи во училиштата, бидејќи таму се почитуваат протоколите за работа пропишани од Комисијата за заразни болести

„Имам прваче, не можам да спијам мирно, верувајте. Размислувам да не ја носам повеќе на училиште.“

„И јас се мислам да ја повлечам ќерка ми од настава со физичко присуство. Вака само живееме под стрес и нервоза секој ден.“

„Ситуацијата е крајно загрижувачка и алармантна.“

Ова се дел од коментарите што вчера и денеска можат да се прочитаат на социјалните мрежи, по обелоденувањето на новите ковид-бројки, вклучително и бројот на починати како последица на вирусот во едно деноноќие. Родителите со право се загрижени за безбедноста на нивните деца, иако досегашната практика покажа дека нема голем број евидентирани позитивни случаи во училиштата, бидејќи таму се почитуваат протоколите за работа пропишани од Комисијата за заразни болести.

Директорите со кои поразговаравме велат дека е нормално секој да стравува за здравјето на своето дете и за сопственото здравје по ваква ковид-статистика. Светлана Масларевска, директорката на Основното училиште „Коле Неделковски“, информира дека во ова училиште денеска се вратија на работа две наставнички што биле позитивни.

– Кај нас нема реакции од родители по вчерашните бројки, дека не сакаат да го носат децата во училиште. Сè е нормално, наставата си тече со физичко присуство за учениците од прво до трето одделение. Има родители што не ги носат, но не ги носат веќе подолго време, а не како реакција на последните ковид-бројки. Секој ден во Министерството за образование испраќаме извештаи, информираме за отсуствата, дали имаме заболени. Имавме две наставнички што беа позитивни, но денеска се вратија на работа. Учениците беа во изолација, а сега веќе се на настава – вели Масларевска.

Таа информира дека децата што одат на часови со физичко присуство се хранат во училишната менза.

– Понехигиенски е учениците да јадат во училницата. Секој си го јаде својот оброк на посебна масичка и запазени се сите правила – додава директорката.

Од Министерството за образование и наука велат дека состојбата со Ковид-19 се следи од сите надлежни институции.

– Одлуките во секој општествен сегмент, вклучително и во образованието, се носат исклучиво врз основа на препораки од страна на Комисијата за заштита од заразни болести. Во овој момент нема промени на донесените одлуки поврзани со реализација на новата учебна година, а доколку во иднина има, секако дека јавноста навреме ќе биде информирана – велат оттаму.



912

X