Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ви се обраќам за совет во врска со моето дете, кое има 3 години и сѐ уште користи пелени. Има одбивност кон нокширот и веце-школката, никако не прифаќа да седне на нив. Пробано е со сите можни начини и трикови, но без успех. Како да го одвикнеме од пелените?

ОДГОВОР: Преминот од пелена на нокшир е исклучително деликатна фаза за детето и за родителите. Децата од 3 години се малку и потврдоглави, па оваа фаза иако би требало да оди побрзо и полесно кога детето е поголемо, понекогаш оди потешко.

Чинот на мокрење бара способност на детето да ги ослободи соодветните мускули и да го испразни мочниот меур, а доколку почувствува напнатост, ќе му биде многу потешко доброволно да го направи тоа.
Вознемиреноста и стравот на родителите дека детето нема да стигне до оваа фаза, во комбинација со предвремените обиди за вадење на пелената (со нервоза на родителот пред неуспехот) се едни од главните причини поврзани со тешкотиите при одвикнувањето. Тоа мора да биде достигнување на детето, а не на родителот.

Детето треба да се почувствува подготвено, а доколку не е подготвено и кога апсолутно не сака да му ја извадите пелената или упорно се противи на нокширот или тоалетот, а истовремено гледа дека вие сте вознемирени, го доживува овој момент со јасни знаци на непријатност.

Еден од знаците дека детето е подготвено е фактот дека тоа сака да комуницира со родителите за неговите потреби, почнува да укажува дека чувствува потреба да врши нужда или ја носи пелената.
Се појавува симболична игра на оваа тема – детето почнува да ги става свои кукли на нокширот и желба да ги имитира возрасните, да биде како тато и мамо и да го користи тоалетот како нив.
Кога детето ќе сфати дека сè има свое место, веројатно е подготвено да разбере дека дури и мочкањето и изметот имаат свое место, а тоа е нокширот или тоалетот.

Би било добро да му кажете дека е пораснат и дека пелените му се мали, дека е подобро во текот на денот да седне на нокширот (кој мора секогаш да е во близина).
Поканете го да седне на нокшир со сликовници и играчки, имитирајте седнување на нокшир и на школката со игра со кукли и играчки и на крај миење на рацете. Предложете да одбере мирис на сапун кој ќе биде само негов, да има своја крпа итн. Бидете трпеливи и доколку се случи да се испразни, пофалете го и наградете го, но не со преголемо восхитување.
Што се однесува до ноќта, ве советувам да почекате кога детето ќе се разбуди со сува пелена. Во овој случај, оставете ги гаќичките навечер и штом ќе се разбуди, однесете го да мочка. Во секој случај, избегнувајте да пие премногу вода пред да заспие.

Не дозволувајте целото внимание на семејството да биде насочено кон овој момент. Избегнувајте укор, казни и уцени, кои имаат само контрапродуктивни ефекти. Бидете спокојни и секогаш верувајте му на вашето дете.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X