Воспитување

Има толку многу начини да ги анимирате децата – направете да се чувствуваат корисни

Новите околности што ги наметна пандемијата на коронавирусот променија многу семејни навики и наметнаа нови рутини. Многумина беа принудени да работат од дома, што понекогаш не е едноставно. Децата, на која возраст и да се, исто така го променија своето однесување, со една важна предност – тие се пофлексибилни, но и склони на мали и големи манипулации за да го добијат она што го сакаат.

Децата се пофлексибилни, но и полесно преминуваат граници

Родителите, од друга страна, за што подобро да го аклумулираат стресот и да ја надминат новонастанатата ситуација и за да им остави што помалку трауми на децата, често одат по линијата на помал отпор, се согласуваат на сè што бараат децата или едноставно, во замена за малку мир и пауза, го дозволуваат она што вообичаено не би го дозволиле – премногу користење мобилни телефони и компјутери, па и некои игри кои често преминуваат граници. Во пандемија или надвор од неа, со децата морате да бидете мудри за да ги сочувате нервите, но и авторитетот. Тие се неуморни и бараат многу енергија, внимание и фокусираност на родителите. За почеток, направете план за спроведување активности и обидете се тој да важи за сите членови на семејството. Воспоставувањето нов ред многу ќе помогне во спроведувањето на новите рутини, распределбата и завршувањето на обврските.

Обидете се да останете мирни

Сигурно дека не е едноставно кога сте во тек на важен онлајн-повик или состанок, а детето баш во тој момент бара нешто и не сака да се откаже – постојано повторува што сака како расипана плоча. Ако длабоко не вдишите воздух неколку пати, постои шанса да изреагирате така што тоа ќе биде непријатно за колегите, но и стресно за детето. Бројте до 10 и длабоко вдишете, пред да одговорите, а детето со мирен тон замолете го да почека, бидејќи тогаш сте зафатени. Важно е да не потпаднете под притисок за промена на однесување кое децата секогаш сакаат да ви го наметнат, но исто така е важно да ја задржите сталоженоста. Ако изреагирате бурно, ќе му го пренесете стресот и на детето, а вие нема да се ослободите од него.

Ограничете го времето на користење таблет и гледање телевизија

Невозможно е во дигиталната ера да им забраните на децата пристап до електронските уреди. Добрата организација во оваа смисла би можела да биде нешто што можете да го свртите во своја корист – ограничете им го времето поминато пред екраните. Кога се свесни дека ќе имаат одредено време за игра или сурфање, нема да прават проблем во други термини, а вие за тоа време можете да завршите одредени обврски, бидејќи знаете дека одредено време ќе бидат мирни. Проверката на содржината е друго прашање – но, не смеете да го занемарите.

Разговарајте

Без разлика дали тематиката е коронавирусот, некој фудбалски натпревар, договор за планови, некое стресно случување или нешто возбудливо, разговарајте! Разговарајте за емоциите со кои сите се соочувате – особено децата, за тоа како можете заедно да се фокусирате на добри работи, а да направите лошите да бидат помалку трауматски за сите вас.

Играјте си „детектив“

Кога нешто во однесувањето на детето ве мачи, ако запаѓа во конфликти или често ве нервира вас или другите деца, браќа, сестри, размислете што би можело да биде причина за таквото однесување. Ако причината е здодевноста, истражете ги заедно можностите кои би можеле да им изгледаат интересни и забавни. Ако децата се тажни или загрижени – и за тоа мора да постои причина. Можеби се под стрес, а се плашат да го споделат тоа со вас, од која било причина. Обидете се да дознаете, а ако не успеете ни така, поразговарајте со некој од нивните пријатели или роднини, или со некој со кого поминуваат време.

Вклучете ги во некои активности воедно развивајќи им ги самостојноста и имагинацијата

Можеби имате преголеми очекувања од децата кои не можат да го поминуваат времето правејќи го постојано истото подолг временски период. Еден од мудрите начини да ги анимирате, истовремено и да ги забавувате, а да ви се пред очи, е да ги вклучите во некоја своја активност, во кујната, на пример. Водете сметка тоа да биде безбедно. Ако нешто ви помогнат, ќе се чувствуваат корисно, а ако е некоја нова активност во прашање, ќе им биде интересно. Дури и лонците може да имаат своја улога. Вклучувањето на новите играчки или предмети исто така има своја функција во смисла на развивање на имагинацијата, креативноста и самостојноста. И во таа пригода можете да „украдете“ некоја минута за себе што ќе ве ослободи од притисокот.

Не двоумете се да побарате помош

Ако сте далеку од бабите, дедовците, драгите пријатели или роднини, користете ги социјалните мрежи за да комуницирате со нив, а во тоа можете да ги вклучите и децата. Ако се расположени, некои од овие луѓе може со децата да поминат квалитетно време заедно, а вам да ви дадат малку простор за да го потрошите само на себе.

Не заборавајте на себе и своите потреби

Главно сте толку изморени што едвај чекате да легнете в кревет. Сепак, ако примените некои од претходните совети што може малку да ве ослободат, тоа време потрошете го што поквалитетно. Фрлете го мобилниот телефон, спијте, прочитајте нешто или вежбајте јога. Овие работи нема да ги претворат вашите деца во ангели, но ќе ви помогнат да бидете посталожени и да пронајдете моменти за неопходниот мир, па макар бил и краткотраен. Тоа би можело да биде многу значајно кога ќе пристигне следниот напорен период и кога има шанси за повторно брзо да „пукнете“ или да ги изгубите нервите. Пандемијата уште не е готова, ќе биде потребно уште трпение, а и кога ќе заврши – овие обрасци на однесување се основа за родителство кое е помалку напорно.

Извор

Поврзани написи

To top