Речиси сите се чувствителни на убод од комарци, но постојат и луѓе што патат од алергии од убодите на овие инсекти, па имаат сериозни симптоми за разлика од вообичаените реакции.

Чија крв е најпривлечна за комарците?

Познато е дека комарците повеќе ја одбираат крвта на одредени лица, па може да се случи, иако делат иста соба, едно дете да добие оток од убодот, додека друго да помине недопрено. Различни истражувања покажале дека комарците почесто ги касаат лицата од машки пол, потоа оние со вишок килограми и лицата со нулта крвна група. Комарците ги привлекуваат високите температури, па поголема е веројатноста да биде каснат некој што носи потемна облека, бидејќи црната, на пример, ја впива топлината.

Симптоми

Колку повеќе поединецот претрпел убоди, толку е поголема шансата да стане чувствителен на нив. Тоа значи дека децата, најчесто, имаат послаби реакции од возрасните. Симптомите се јавуваат најмногу 24 часа по убодот, а обично подразбираат чешање и промена на бојата на кожата на местото на убодот, додека сериозната алергиска реакција се манифестира со следните симптоми:

– Чешање на поголема површина на кожата;
– Ранички;
– Воспаление на лимфниот систем;
– Анафилактички шок, кој се јавува ретко, но е опасен за живот и подразбира отекување на грлото (итно е потребна медицинска нега)
– Исип.

Превенција

Најдобар начин за борба со алергиските реакции е превентивата. Често помагаат и природните средства за заштита од комарци. За да можат да се размножуваат, комарците мора да живеат во близина на вода, па затоа е препорачливо оддалечување од езеро и слични води, особено на зајдисонце. Експертите советуваат и:

– Да се носи облека со посветли бои и подолги ракави;
– Да се нанесуваат средства за заштита од комарци;
– Да се поставува заштитна мрежа на прозорците и на вратите.

Исто така, се верува дека внесувањето витамин Б1 во текот на летото штити од комарци.

Лекување

Комарците постојат веќе милиони години, иако човечката борба против нив е навистина упорна. Во случај на нормална реакција на убод, се препорачува нанесување на хидрокортизони, кортикостероиди за брзо дејство, со што ќе се намали чешањето. Ќе помогне и ладење со коцки мраз. За сериозни алергиски реакции, експертите препорачуваат:

– Орални антихистаминици;
– Лосиони против чешање или антиперспиранти за стапала;
– Туширање со ладна вода без сапуница или држење коцка мраз на местото на убодот во времетраење од 10 минути;
– Носење на „ЕпиПена“ ако постои ризик од анафилактички шок.



912

X