Големиот број играчки што го запоседнуваат домот не можат, односно не смеат да бидат маска за родителското отсуство. Ниту една кукла, количка, багер или кутија коцки не може да биде замена за должното вниманието што им е потребно на најмалите, најмилите

Значи вака. Ќе ми дозволите накратко да ве пренесам во нашиот семеен простор, нашето топло семејно гнездо. Нашето прибежиште, единственото место на светов каде што чувствувам дека душата ми е на место. Тоа е простор кој не е со планетарни димензии… Нашиот семеен живот е сконцентриран на доволен број функционални простории кои го прават најубав и најпријатен, притоа една од овие простории служи за секојдневни попладневни активности, каде што се ужива во секојдневните оброци, онаму каде што секојдневно се одвива импровизирана театарска претстава наречена „градинка“, онаму каде што цртаме, боиме, лепиме, читаме сказни и бајки, гледаме цртани… Онаму каде што се пречекуваат саканите и добредојдените гости, каде што ги раскажуваме секојдневните случки… Простор во кој опстојуваме.

Ете токму тука, во овој простор паралелно со нас опстојуваат и реквизитите наменети за анимирање и задоволување на детската имагинација, таканаречени играчки. А нивниот број е флуктуирачки, директно зависен од возраста и интересите на убавинава. Низ нашиот дом продефилираа реквизити во најразлични големини и бои, уште поразлични дезени и материјали. Просто да не може човек да се изначуди што сè може да потпадне под поимот играчка. Овие – играчките – имаат и хронолошки редослед на своето пристигнување во нашиот дом. Имено, на почетокот, кога нашава првородена убавина слободно можеше да го носи прекарот Палешка, играчките беа кадифени, претежно мечиња, и понекоја тропалка од која не можевме да се надвикаме по дома. Со текот на времето убавинава стана рамнодушна на нив, станаа изживеани, па сите домашни брзо почнаа да им наоѓаат замена. Од тој момент стапија на сцена топките, секако, во најразлични големини, од најмали до најголеми, па секоја посета на блиските беше најавена со широка насмевка и рака подадена кон неа од која се наѕираше тркалезна шарена форма. Нашиот дом беше пандан на фудбалско игралиште на кое чиниш постојано се одвиваат проби и подготовки – топки се шутираа во секое време на сите страни! По извесно време и тие беа надраснати. Кратко траеше периодот во кој се прашувавме со што ќе бидат заменети. Дојдоа на ред куклите… оние со долги коси, како и оние со кратки коси, во шарени фустанчиња, верни копии на расплакани бебиња – Боже ме прости понекогаш и се збркувавме која е играчката, а кое е нашето дете? Невозможно! Сите тие постепено беа дополнувани со минијатурни кујни придружени со целокупен прибор за подготовка и сервирање на оброци – тенџерчиња, чиничиња, виљувчиња, лажички, ножиња, имитации на зеленчуци и овошја, микрошпоретчиња, чајничиња со минијатурни шолји за чај или кафе – зависно од тоа за каков пијалак беа расположени куклите… Мала штица и пегла за пеглање беа must have реквизити инаку облеката на куклите ќе беше неподносливо да се гледа. Понатаму, се надоврзаа животни – диви и питоми во мини-формат, не се може без минијатурно животинско царство.

Потоа особено забавни беа изненадувањата од чоколадните јајца – смајлиња, пони коњчиња и што ли уште не. Уште поинтересна стана домашната атмосфера кога стасаа коцките – на почетокот гумени, а потоа и цврсти, безобразно пластични, бездушни особено во доцните вечерни часови кога некоја залутана ќе го прободе стапалото, а вресокот од болка е недозволив додека дете спие. Агонија од необјасниви размери.

Не смеам да ги заборавам музичките инструменти – барабанчиња, флејти, мини-синтисајзери, и паралелно со нив микрофони, сето ова искомбинирано резултира со симфонија која има надразнувачки ефекти врз родителскиот нервен систем.
Ооохх и сложувалките се неизбежни. Од оние со најголеми делчиња за составување, па до оние со најситни, бројки и животни за сложување, ликови од цртани филмови, букви од домашна и странска азбука. На листата ѝ нема крај, ама фала му на Бога што имаше редослед на користење на сите овие недобројни играчки, не се користеа сите одеднаш, туку зависно од возраста и интересите на убавинава. Но токму во овој момент ситуацијата станува парадоксална. Веќе години наназад убавинава никако да се откаже од дрвените лажици за готвење и тавите и тенџерињата за подготовка на семејни оброци. Тие од самиот почеток се покажаа како најзабавни и најдолго успеаја да ѝ го задржат вниманието. Воедно без брашно, шеќер, сол и кафе играта никогаш не е забавна, а поубава комбинација од оваа за вкусна и сочна торта – не постои. Дал да плачам или да се смеам на кажаново, се мислам… И така сè уште се мислам, ама мислава во друг правец ми замина.

Ме замислува дали постои количина, бројка на реквизити за анимирање и забава која може да биде веродостоен индикатор и доказ за детската среќа. Сум видела и мали царства од играчки, а тажни детски лица, за жал. Големиот број играчки што го запоседнуваат домот не можат, односно не смеат да бидат маска за родителското отсуство. Ниту една кукла, количка, багер или кутија коцки не може да биде замена за должното вниманието што им е потребно на најмалите, најмилите. Децата на сосема јасен начин знаат да изразат љубов и интерес, уживаат во индивидуална или заедничка игра со врсници, и тоа секако не значи дека треба од домовите да направиме игротеки.
Бидете присутни во нивните животи, не само како физиономија, туку целосно присутни, со дух и тело и внимание кое најмногу им значи. Јас се уверив дека тие растат со брзина на светлината, она што денеска им е забавно за нецел месец ќе биде заборавено. Она што секогаш со радост го помнат е заеднички поминатото време.

Автор: Ирина Микеска



912

X