Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Би сакала да добијам совет за синот кој има 3, 5 години и во последно време пројавува големи изливи на бес кога нешто не се одвива како што сака или како што замислил. Се зацрвенува целиот, премногу експлозивно вика, се спротивставува. Потоа почнува да плаче од својата реакција, а особено се вознемирува ако се налутиме за тоа. Повторува: „Сакам да сте среќни, немој да се лутите.“ Со карање е полошо, со смирен пристап се смирува, меѓутоа повторно се повторува истото однесување. Инаку, се работи за потемпераментно дете и неодамна се преселивме во друго живеалиште. Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Кога има некоја поголема промена во животот на детето, често има промена и во неговото однесување. Преселбата и приспособувањето на новата средина претставува особено деликатен момент за детето, тоа е настан кој ги прекинува континуитетот и навиките што му даваат доверба и сигурност. Кај детето ова предизвикува мешавина од различни чувства, како чувство на загуба, лутина, вознемиреност до страв и тага и покажува силно несогласување со бес и плачење, тешкотии со спиењето, промена на апетитот, а понекогаш тоа може да води и до мали регресии. Бидејќи децата се потпираат на структурата, рутината и на нивното опкружување за да се чувствуваат безбедни, на вашето дете му е потребно малку време за адаптација на новиот дом и новата средина.
Од друга страна, оваа промена и кај нас возрасните носи различни емоции, а децата се многу почувствителни, и во овие ситуации совршено ги доловуваат емоционалните состојби на родителите. Поради тоа, обидете се да останете смирени и да ги пренесете позитивните страни од новото искуство, доживувајќи го овој момент на промена како чин на екстремна љубов кон вашето семејство.

Продолжете со редовната рутина и структура која веќе ја имате воспоставено со вашето дете, бидете смирени за да почувствува дека има „сигурна основа“ на емоционално ниво, односно да чувствува дека сте тука за него, за да ги препознаете и прифатите неговите емоции.

Во бурните ситуации нормално е да сме вознемирени и фрустрирани и како родители нѐ фаќа паника и сакаме веднаш да најдеме решение, но како што и самите рековте, со карање ништо не се решава. Затоа, бидете смирени, детето сѐ уште учи и има само 3,5 години и уште многу ќе повторувате. На оваа возраст децата почнуваат да ги разбираат и појасно да ги изразуваат своите емоции, но сепак учат да ги регулираат своите чувства и да ги разбираат емоциите на другите.

Кога ќе заврши епизодата и кога ќе се смири, разговарајте: „Те налути што…“, „Те натажи…“ и објаснете му на детето. Во овој случај ги препознавате и именувате неговите чувства и му давате објаснување и помош што би можело друго да се направи. Изразувајте ги и вашите чувства, на оваа возраст тој полека почнува да ги разбира причинско-последичните врски и да препознава како неговите постапки можат да влијаат врз чувствата на другите и да научи да презема одговорност за своето однесување. Играјте со вашето дете, низ играта ќе дознаете многу за тоа како се чувствува, а воедно ќе поминувате време заедно.
Бидете полни со љубов, држете се до границите и доследноста во воспитувањето и создајте безбедна и поддржувачка средина каде што вашето дете ќе се чувствува слободно да изразува широк спектар на емоции.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X