Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот син има речиси 2,5 години. Сè уште не зборува (зборува на негов јазик што никој не го разбира) и тешко игра сам. Многу сака друштво на други деца, но поради пандемијата, тие контакти му се скратени. Кога е дома, најчесто игра со автомобилчиња и со топчиња. Проблемот е во тоа што не пројавува интерес за другите играчки (на пример, коцки) или активности (цртање). Неговата ангажираност е многу кратка и не е конструктивна (на пример, играњето со коцки се сведува на нивно вадење од кутијата, фрлање и расклопување откако ќе ги склопам јас). Едвај дочекува да ги расклопи и расфрли. Ретко успеваме и да му раскажеме приказна. Неговиот фокус е многу краток и секогаш завршува со вртење страници и обид за нивно кинење. Цртањето е исто така активност што кратко трае, ќе начкрта на листот и масата и станува да прави нешто друго. Сака да растура и претерано силно да удира фиоки и врати. Ваквото однесување, кога беше помал, беше толерирано од баба му и дедо му, каде што беше на чување, но повеќе не е. Му укажуваме постојано дека треба да биде умен, но пречесто нè игнорира, дури некогаш и инает води. Дали ваквото однесување е во ред за негова возраст? Што би советувале да се преземе за му се зголеми фокусот и интересот за различни игри и активности?

Прашува: Ива

ОДГОВОР: Во возраста во која е вашето дете вниманието е доста кратко за која било активност, па така може да трае од 4 до 8 минути. Ова е генерализација на времетраењето, сепак, секое дете индивидуално покажува различен интерес за различни активности. Во овие кратки распони на внимание, нормално е детето да преминува од една активност на друга, тоа е во постојано движење (на пример, тргнало кон топката, а пред него се појавува автомобилче, ќе застане и своето внимание ќе го насочи кон автомобилчето). Тоа нема богат речник, не може да брои, не ја разбира временската секвенца, не прави разлика помеѓу причината и ефектот, не е толку умешно.

Како ќе расте вашето дете, така ќе се зголемува и неговата концентрација и внимание. Во овој период децата како да имаат бесконечна енергија што ја користат за да ја истражат околината, внимавајќи на лицата, звуците, формите, предметите и активностите што ги водат до создавање  нови искуства. Исто така, почнува и периодот кога е зголемена желбата за независност.

Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт

На детето му е потребно нашето време, како и нашата посветеност. Колку повеќе го добива тоа, толку повеќе ќе се поттикнува неговиот целосен развој. Децата сакаат постојаност и предвидливост, тоа им дава чувство на сигурност. Потрудете се информациите што им ги давате да бидат јасни и недвосмислени, а и да создавате навики како: одење во кревет навреме, станување навреме, редовно миење на запчињата, средување на играчките итн.

Најдобар начин да се поврзете со вашето дете е да играте со него. Тогаш воспоставувате позитивен однос со детето и со тоа му покажувате дека е сакано и ценето. За да остане повеќе заинтересирано, играта треба да му е забавна, а тоа значи вие активно да се вклучите.
За да се развие вниманието, потребно е постојано да има промени во неговата активност, т.е. воведување нови моменти во играта, но и да се приспособите на детето. Рековте дека најмногу сака да игра со автомобилчиња и топчиња. Тие се движат, во овој период тоа му е и најинтересно. Не е статично, тој прави некоја акција, за нештото да се движи.

Кога ги склопувате коцките, зборувајте, на пример: „Еве сега ја ставам зелената коцка, аааaa жолтата падна, види ја сега оваа куќа, зграда…“ Кога ги растура, потрудете се да ви помогне да ги соберете, на пример: „Ајде да ги ставиме сите во корпата“, па играјте со забрзани чекори како да трчате кон корпата и ги враќате назад… „прво ќе ги собереме црвените…“ И така набројувајте.

Кога сака да го растури она што сте го направиле, како да ве повикува на акција, да изреагирате, па кажете: „Чекај чекај, ајде стави го автомобилчето внатре“ (ако правите гаража, на пример). На овој начин развивате трпеливост, за неколку секунди или минута да се зголемува вниманието. Кога ќе го стави автомобилот, тогаш кажете: „Како убаво го намести автомобилчето“, а потоа заедно растурете ги и смејте се.
Кога раскажувате или читате приказни, а тоа не е пред спиење кога треба да се смири, не значи дека детето не ве слуша ако е активно, тоа не мора да седи мирно и да гледа во она што го читате, но секако дека слуша.

Користете некој магазин или весник, па заедно кинете го. Тогаш ја вежба и фината моторика. Тоа сè уште е мало да седи и да црта активно, неговото цртање е повеќе чкртање, можете да земете и креди да цртате надвор заедно. Пробајте да лепите нешто (на пример, стикери, магнети…).

Многу е важно во играта да зборувате и да гестикулирате, на тој начин детето ќе го вежба развојот на говорот. Исто така, играње со преправање: да јава коњ, да глуми доктор, да ги храни животните, или да игра некој лик од цртаните што го сака. Користете драматизација, можете да употребите платнена кукла која се става на раце и со неа да зборувате. Вашето дете се труди да зборува, веројатно веќе и следи упатства како „донеси го тоа“, за работи што не ги разбирате, барајте да ви покаже, а наскоро и повеќе ќе го разбирате.

Можете да играте со многу други предмети, како пластични чинии, чаши, капачиња, играчки кои се влечат, дрвени лажици, големи сложувалки од неколку форми кои се приспособени за неговата возраст, и секако што повеќе надвор да игра, да скока, трча, да мириса. Нему му се интересни сензорните игри, со вода, песок, играчи што испуштаат музика, со ритам… Исто така, во овој период тие сакаат и задачи како: „Придржи ми ја торбата“, „Те молам помогни ми да ја најдеме топката“, „Која маица денес ќе ја облечеме, сината или белата?“…

Како што споменавме погоре, вашето дете сè уште не знае зошто нешто не смее да прави, како удирањето и лупање фиоки, врати, и дека може да се удри и повреди. Сака да истражува и да повторува, да се изразува, да покажува независност и да експериментира со границите бидејќи, од друга страна, тоа предизвикува некое внимание кај вас. Вие рековте дека ве игнорира кога зборувате, па покажете му со дело, да го пренасочите и со мирен тон да му кажете дека тоа не се прави. Веројатно ќе повторувате повеќе пати, но на тој начин ги учи правилата што ќе ги поставите.

Децата подобро се концентрираат на активности што ги избираат сами отколку на оние што им ги даваме. Оставете го детето понекогаш да има слободен избор. Кога нешто ќе ви покаже, восхитувајте се и позитивно реагирајте. Децата ги паметат искуствата што се емотивно поврзани, бидете креативни, нежни, полни со љубов и забавни, бидете трпеливи. Со ваква атмосфера вашето дете ќе учи и ќе се развива, а воедно и вие ќе уживате во неговиот развој.

Можете да се обратите на логопед, да се консултирате за развојот на говорот и да ви даде насоки за некои игри и активности, како и објаснувања.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X