Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 4 години и зборува без проблем, спојува реченици, брои, кажува букви, самостојна е – сама јаде, сама оди во тоалет, но сѐ уште не може да ги запамети боите. Дали треба да ја носам на дефектолог или уште е мала?

ОДГОВОР: Разбирам дека сте вознемирени што вашето дете сѐ уште не ги препознава боите. Многу често на некои деца едноставно им треба време да стекнат нови знаења или да ја поврзат бојата со соодветното име.

Би ве посоветувала да останете смирени и да не го бомбардирате детето со прашањата каква боја е ова, како се вика оваа боја итн. Вашето дете ќе се чувствува како да е под лупа и може да се збуни, да се повлече бидејќи сѐ уште не може да ги задоволи вашите очекувања.
Би било добро да почнете да играте игри за зајакнување на способноста за препознавање и дружење со вас. Зборувајте многу со нашето дете, давајќи им вистински имиња на предметите, а со тоа и на боите, на пр: „топката е ЦРВЕНА, сонцето е ЖОЛТО…“ користејќи секојдневни предмети кои му се веднаш разбирливи.


Потоа почнете со првата класификација, комбинирајќи различни предмети со иста боја и воведувајќи предмет што е емотивно значаен за неа, на пр: „топката е црвена, како јагодата и мојата омилена маица“ или „Сонцето е жолто, како лимонот и перничето на мојот кревет“.

Потоа раскажувајте приказни во кои бојата е поврзувачка нишка помеѓу ликовите, предметите и дејствата, на пр: „Денес дедо Баже беше многу уморен од берење спанаќ, тиквички и грашок, па реши да легне и да дремне малку на тревникот, на убавата зелена трева, во сенката на големото дрво полно со лисја“.
Можете да читате разни сликовници, а потоа да прашувате „Каква боја е лавот? а Каква е слончето?“ Можете и да се преправате дека сте заборавиле, како „Не се сеќавам каква боја беше автомобилот на чичко…?“
Направете вреќа со скриено богатство за тато или баба, да донесе само предмети со одредена боја, редете коцки и поделете ги по боја, правете куќа.. црвена за покривот, жолта за основата итн.
Собирајте играчки по редослед врз основа на боја, на пр: Јас ги средувам жолтите, ти среди ги сините итн. Да боите и да цртате, да ја одбере омилената боја, па именувајте ја, а потоа можете да ги намачкате рачињата и да правите печати на голем лист хартија.
Има многу игри и можности за да му помогнете на вашето дете да ги научи боите. Вие бидете малку покреативни и во однос на карактеристиките на вашето дете да играте и се забавувате, бидејќи само во забава и игра вашето дете ќе научи. Ако по одреден период сѐ уште има проблем во разбирањето и именувањето на боите, можете да се обратите на дефектолог.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.



912

X