Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам еден проблем, детето има заостанување во психомоторниот развој. Кога го споредувам со другите деца, забележувам дека е далеку од нив, не трча, не скока, доцни со говорот, но го има, не бои и не црта… Детето има четири години, ме интересира дали оваа состојба ќе се надмине на одредена возраст?

ОДГОВОР: Психомоторниот развој опфаќа широк опсег на вештини. Тој е индивидуален и може многу да варира од дете до дете бидејќи секое дете се развива со свое темпо. Некои деца може многу порано да постигнат одредени вештини, некои пак подоцна од другите, што и не мора да значи дека детето заостанува во развојот.
Важно е родителот да обезбеди средина за поддршка која ќе ги поттикнува истражувањето и движењето и ќе го стимулира и охрабрува развојот на своето дете.

Понекогаш во некој одреден период од развојот некои епизоди што се случуваат може да бидат аларм за родителите. На пример, ако нашето дете јасно заостанува зад своите врсници, покажува мала иницијатива, слаба тенденција за движење и дружење, би можеле да се соочиме со психомоторно доцнење.

На четиригодишна возраст детето треба:

Да држи рамнотежа најмалку три секунди на едната нога
Да оди и да скока на едната нога
Да нацрта квадрат
Да нацрта нешто што личи на личност
Може да затвора и отвора патент
Да работи со копчиња
Да оди лесно нагоре и надолу, да чекори
Да фрла, фаќа и шутира топка
Да се качува по скали и дрвја
Да скока преку мали предмети
Да оди по линија на кратко растојание
Да вози трицикл и може да проба велосипед
Да игра со мониста за да направи ѓердан
Се ниша на лулашка
Да се справува со сопствените потреби за тоалет во текот на денот, но сепак може да се случи понекогаш да има некои проблеми во текот на ноќта
Да зборува јасно во целина, но сепак може да не користи правилно некои звуци.
Да поставува прашања „зошто“, „кога“ и „како“ и да прашува што значат зборовите.
Да раскажува долги приказни кои можат да бидат делумно вистинити, а делумно измислени.
Да зборува за тоа што би можело да се случи или што би сакало да се случи.
Да знае некои детски рими кои може да ги каже, повторува или пее.

Ќе поставува многу прашања за светот и зошто е тоа така.
Понекогаш прашањата може да бидат незгодни или тешки за одговор.

Би требало:

Да работи две или три едноставни работи што треба да ги направи во исто време – „Земи чаша вода, однеси му ја на тато и потоа врати ја чашата на масата“.
Да ги подреди предметите по големина, боја или форма и тип (животно, автомобил).
Да спореди кој е потежок од два предмети.
Да разликува повисоки од пониски и поголеми од помали.
Да именува четири бои.
Да препознава некои зборови што ги гледа многу – „СТОП“ на стоп знаците.

Што се однесува до емоционалниот и социјален развој, во оваа фаза детето треба да има активен социјален живот со други деца, може да има и најдобар пријател (обично, но не секогаш, од ист пол). Меѓутоа, ако не посетува градинка или нема семејства со мали деца во соседството, најдете место каде што може детето да се дружи, однесете го во парк, градинка итн…

Би било најдобро што поскоро да се обратите кај вашиот педијатар за да добиете понатамошни насоки и совети за тоа како да му помогнете на вашето дете во неговиот развој.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето, дете можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X