Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има речиси 4 години и е мирно дете. Не се приспособува лесно на нови работи, кога има мали промени во распоредот, бурно реагира. Нема течен говор, почна да кажува и да повторува некои зборови и некои прости реченици како „не сакам градинка“. Но, ги знае сите букви од македонската азбука, и на кирилица и на латиница, ги кажува и ги препознава, а ги знае и буквите од англиската азбука. Ги знае сите бројки, редовно чита регистарски таблички, брои до 100 на македонски, а и на англиски се обидува и добро му оди. Главни игри му се бројки и букви и редење сложувалки. Сме забележале дека социјализацијата со другите деца слабо му оди. Не може да поднесе кога другите деца викаат, некогаш и се плаши и се повлекува. Мислевме дека проблем е говорот бидејќи повеќето од децата во неговата група во градинка зборуваат течно. Исто така, мислевме дека е така поради фактот што од пред еден месец се одвикна комплетно од пелени. Останува фактот што не може да поднесе врева и таков вид игра, не може да се социјализира, спомнува две-три деца, но едноставно не сака да оди во градинка. Вели дека таму нема бројки и букви… На што да обрнеме внимание, дали нешто треба да се поттикне или потисне. Искрено се плашам дека како поминува времето, ќе му биде сѐ подосадно во градинка, а можеби и на училиште, но не би сакала да му ја потиснеме желбата да ги повторува и учи буквите и бројките. Не му се интереси игрите со колички, коцки, цртање, можеби треба ние повеќе да се потрудиме и да внесеме нови игри? Инаку, инаетлив е по карактер, па ако нешто не му одговара, тешко може да го натераме да го прави.

ОДГОВОР: Од она што го наведовте во вашата порака очигледно е дека вашето дете се бори со адаптацијата на градинката и со социјализацијата. Социјализацијата е важна за развојот на детето бидејќи му помага да научи како да комуницира со другите и да формира позитивни односи.


На возраста во која е вашето дете, децата почнуваат да стануваат понезависни и социјализацијата може да биде особено предизвик. Сепак, доколку детето е пречувствително на гласните звуци и непредвидливи ситуации, ова може да го отежнува целосното учество во овие активности.
Постарите деца веројатно се поспособни да ги разберат и да ги приспособат сензорните потреби на вашето дете, поради што се попривлечни како другари.
За почеток потрудете се да го вклучите во потивки социјални активности, како што се мали групи за играње или активности што се случуваат во потивки средини, можете неколку другарчиња да поканите кај вас дома… а потоа постепено да го воведувате детето во погласни или понепредвидливи средини и ситуации, како што се трговски центри или бучни игралишта, на контролиран и поддржувачки начин.

Вклучете се во неговата игра и понудете и играјте различни игри и со други играчки, да реди коцки, да бои, да прави алки со мали мониста, да игра со различни материјали, да сече и да лепи, со коли и други играчки кои можете да му ги понудите и заедно да играте. Кога играте, разговарајте и именувајте сѐ што правите. Поминувајте повеќе време надвор во различни физички активности, и секако, што помалку време пред екранот.

Понекогаш очекуваме децата сами да прават некои работи, како тоа да се подразбира од нив, но секогаш родителот би требало да го стимулира детето и да му отвора нови можности.

Би било добро да посетите логопед и да почнете со вежби за развојот на говорот, а доколку е потребно, и со психолог.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X