Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на две ќерки на возраст од 4 и 2 години. Проблем имам со поголемата ќерка, премногу е темпераментна. Секој ден прави бељи и кога ѝ зборувам дека не е во ред тоа што го направила, не ме перципира, си тера по свое како да не ме разбира. Премногу е тврдоглава и плаче за сѐ, ако не е по нејзино и ако се почувствува загрозено, го цица палецот, а тоа го прави речиси една година. Со повозрасните се однесува како со нејзини врсници, им се обраќа со еј, дури тоа го направила и во градинка, ѝ се обраќала на учителката со еј. Нема проблем со говор, зборува течно. Последниве три месеци сѐ што прави поголемата ќерка прави и помалата, едноставно ја имитира. На моменти се тандем, на моменти се грабаат за играчки. Каде грешам, се плашам да не не ги воспитам правилно.


ОДГОВОР: Имате две деца кои се на возраст во која се вклучени во силен воспитен процес. Тоа значи дека во овој период вие давате насоки и правила на однесување и дејствување, а тие соработуваат преку комуникацијата што ја воспоставувате.

Од вашиот исказ можам да разберам дека постарото девојче е активно, мило, плачливо и непослушно и во последната година кога се чувствува загрозено, го цица својот палец. Кога се раѓа нејзината сестра, таа има две години и дури нејзината сестра да наполни една година, вие се соочувате со периодот на ново бебе кое е зависно од родителите.

Како го поминавте тој период, колку беше изискувачки за вас, како успевавте да ги задоволите потребите и на двете девојчиња и колку таткото беше вклучен во целиот тој процес? Одговорите на овие прашања ќе ве доведат до наредниот период, односно кога девојчето првпат почнува на емоциите да реагира со цицање на палец. Таквиот механизам сѐ уште трае и станува нејзин начин на справување со емоциите. Оттука се раѓа и непослушноста како одраз на начинот на кој ја коригирате, критикувате или насочувате во одредени моменти особено кога прави нешто погрешно, како и потребата да се напакости, т.е. да се прават бељи како потреба за внимание и време еден на еден.

Вклучете охрабрувачки глас, мирен глас, пофалете го доброто однесување, правете рефлексија на нејзините емоции и негувајте ги.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X