Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Најстарата ќерка има 12 години. Седум години беше единствено дете во фамилијата. Веќе пет години имаме и близначиња. Никогаш не дозволив ништо да ѝ недостига од материјална природа, љубов и внимание. Посебно ѝ се посветив во периодот кога бев бремена со близнаците и по нивното раѓање. Веќе една година таа е повлечена, не разговара многу со никого, ептен ако мора нешто да се направи, да се купи или нешто ако ја прашам. Нема другарки и не се труди да запознава деца. Дома може по цел ден да седи и да гледа ТВ, или да е на компјутер (некогаш како да се претопува во мебелот, слика има – тон нема). Во последно време почна да експериментира со храна, а во моментов воопшто не јаде, пие вода на еден саат. Премногу е ослабена. Се трудам да разговарам со неа и да бидам блиска. Но, тврдоглава е, не прифаќа совет, не се отвора пред нас. Како со ѕид да разговараме.

Прашува: мајка

ОДГОВОР: Многу лесно може да се сопнеме и да кажеме дека можеби љубомората кон близначињата предизвикува ваква реакција, иако сметам дека поминало доста време и дека тоа не е единственото нешто за кое треба да сте загрижени. Јас секако би ве посоветувала да се консултирате со клинички психолог и/или психијатар за адолесценти бидејќи очигледно освен пубертетските промени, на вашата ќерка ѝ се случува и нешто друго (кое го бележите како отсуство, претопување, одбивање, отпор-ѕид) за кое не сака и е спречена да разговара со вас. Колку и да се трудите, можеби е добро да ѝ понудите можност да разговара со некое стручно лице со кое ќе може отворено да ги сподели нејзините проблеми и прашања со кои се соочува во периодот. Можете да ѝ кажете дека е многу нормално доколку чувствува одредени проблеми/промени кои не може да си ги објасни, или се соочува со некои чувствителни прашања, наместо да ги сподели со родителите, да направи размена и да добие поддршка од стручно лице на кое ќе му верува за да му се довери.

Очигледно е дека влегува во еден исклучително чувствителен период од развојот, во кој експериментирањето е многу честа појава, но не по секоја цена. Да се експериментира и да се има дозвола е сон на пубертетскиот развој, но и тоа експериментирање не може да оди во недоглед, особено ако се ефектира врз нејзиното здравје. Во овој период постојат најразлични дисторзии на сликата за себе како резултат на притисокот од околината, и тоа најчесто врсничката. Во овој период постои и голема потреба за прифаќање, па доколку таа не успеала да креира некои значајни врснички релации досега, ѝ е многу тешко, на моменти и невозможно тоа сега да го направи онака како што смета дека е потребно.

Изворот на вознемиреност не мора да биде секогаш во семејството, може и да е од семејството, но тригерирано од актуелните случувања со другите. Сепак, улогата на семејството е да знае да препознае и да ги детектира можните извори на вознемиреност навреме за да може соодветно да се реагира. Ми се чини дека до пред една година фактот дека нема другарки и не сака да се дружи не бил толку нагласен, иако е битен и значаен индикатор за тоа како таа се доживува себеси и како гради и одржува релација со другите.

Ви предлагам со вашиот сопруг да направите една листа на која според вас, земајќи го периодот во кој таа се наоѓа, нејзиното претходно однесување кон себе и кон другите, како и некои значајни настани во вашиот живот, ќе напишете што сè би можело да влијае врз нејзините промени или некакво себедеструктивно однесување кое го забележувате. Очигледно е дека поминува низ некој период и дека можеби е потребно да го смените пристапот кон неа. Понекогаш е добро да се поставуваат прашања, а понекогаш пред да се постават потребно е да се опсервира некое време, за да се утврди што ја тригерира состојбата која ја опишувате. Набљудувајте ја секоја нејзина промена, во разговор, вклучување-исклучување од разговор со вас, вклучување и повлекување во даден период од денот, по некој настан и сл.
Секако, пак ќе нагласам, доколку станува збор за расположение кое трае подолго време и во кое сметате дека настануваат значајни промени и не успевате со неа да ги адресирате или да достигнете до неа, потребно е да консултирате стручно лице за да ве насочи или доколку постои можност, да работи со неа.
Понекогаш многу е значајно навреме да се адресираат промените кај нашите деца што нè загрижуваат. Грижата кај родителите честопати е интуитивна, без да знаете да ја објасните, меѓутоа, таа треба да се проверува со цел да дознаеме дали е оправдана или не. Не комуницирајте со неа со претпоставки и веќе готови одговори, повеќе поставувајте ѝ посредни и не толку директни прашања кои не ги очекува. Пред кој било да се отвори да одговори на чувствителни прашања, потребно е да се креира атмосфера на доверба и сигурност во споделувањето, без страв од казна или осуда. Затоа, одвојте време само за вас две кога би можеле да разговарате прво за најсекојдневни прашања, а потоа и за периодот низ кој поминува, а низ кој и вие сте поминале. Споделете ги искуствата и бурите за да знае дека не е сама и дека е сосема ОК да не се чувствува ОК.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X