Неколку активности со кои не само што кај детето ќе ги развиете говорот, јазикот, комуникациските вештини и логичкото заклучување, туку и тоа нема да биде свесно дека работи, а притоа ќе ужива и ќе игра.
Во автомобил
Ако планирате да одите на море, на планина или на некој подолг пат, искористете го времето што го поминувате со детето во автомобилот за развивање јазични и комуникациски вештини.
Обидете се да му го оттргнете вниманието од игрите на мобилниот или од цртаните и почнете да играте игри од типот „Погоди што замислив“. Детето, или вие, нека одбере одредена категорија: животни, овошје, зеленчук, предмет итн. Замислете поим од одредената категорија.
Тој што погодува поставува прашања за бојата, обликот, изгледот, мирисот или други својства, и треба што побрзо да го погоди замислениот поим. Исто така, возењето може да биде многу поинтересно и повозбудливо ако го разбудите натпреварувачкиот дух кај детето и играте препознавање на букви и броеви. Во играта „Кој прв ќе пронајде“ натпреварувајте се во пронаоѓање одреден број или буква во околината (на пр., на регистарски таблички, на знаците, рекламите итн.).
На пазар
Пазарите се совршено место со многу можности за проширување на речникот: употреба на именки, описни придавки, категории – месо, овошје, зеленчук, цвеќе итн., за развој на комуникациските и социјалните вештини (формулирање и поставување прашања на продавачите), како и развој на математичките вештини (основни операции за сметање при плаќањето и броењето на парите).
Одењето на пазар може да го претворите во игра со која ќе го поттикнете збогатувањето на вокабуларот. Предложете му на детето да се замисли себеси како некој зеленчук, а вие треба да погодите за кој станува збор. Детето треба што попрецизно да се опише и на крајот од описот да рече: „Погоди што сум!“ Ако детето сè уште не може само да смисли доволно придавки за да се опише, помогнете му со прашања на кои може да одговори со да или не. На пр., дали си со црвена боја, дали си тркалезно, дали растеш во земја итн.
Описните придавки што можете да ги вежбате се: меко, тврдо, мазно, рапаво, лесно, тешко, варено, печено, свежо, црвено, зелено, жолто…
Во зоолошка градина
Зоолошката градина е едно од местата со најмногу сетилни стимуланси што можете да ги искористите за развој на јазично-говорните и комуникациските вештини на вашите деца.
Со детето опишувајте ги и именувајте ги животните и местата од каде што доаѓаат, коментирајте ги разните живеалишта на животните, дајте му на детето да ги помилува и да ги нахрани животните за кои тоа е дозволено, споредувајте ги разликите и сличностите на разните животински видови. При обиколката на зоолошката градина може да вклучите и поттикнување на фонолошката свесност – пробајте да наброите што повеќе животни на одреден глас. Ако сакате да поработите на проширување на речникот, пробајте да се сетите на што повеќе животни што имаат, на пр., крзно. Ако сакате вистински предизвик за вашето дете, нека замисли некое животно и нека го опише неговиот изглед, живеалиште, со што се храни, како се движи, а вие обидете се да погодите за кое животно станува збор.