Кога ќе потпораснат, децата почнуваат да доживуваат посилни емоции. Проблемот настанува тогаш кога не умеат или не можат со зборови да го објаснат тоа што го чувствуваат, па тоа дополнително ги фрустрира и го практикуваат единствениот начин за исфрлање на негативните чувства – плачење, фрлање, негодување. Еден од главните предизвикувачи на детската нервоза е всушност неможноста децата да се борат со сопствените емоции.
Како да им помогнете на децата да се ослободат од испадите на лутина и да научат да ги контролираат емоциите? Казнувањето нема да помогне. Ќе направи само детето да се чувствува полошо. Ова се неколку игри што можете да ги практикувате и семејно, кога сите се убаво расположени, за да вежбате техники на управување со стресот.
Топка за расположение
Дајте му на детето шарено предиво, некој поголем џемпер или ќебе и речете му да го завитка како топка. Кажете му дека топката е магична, дека ги одзема тагата и лошото расположение, лутината и разочарувањето и дека кога ќе почне да ја тркала, ќе му донесе радост и насмевки. Вртејќи ја топката, тоа ќе се забавува и истовремено ќе се ослободи од стресот.
Јас сум балон
Заедно со детето, надувајте неколку шарени балони, а потоа полека испуштајте го воздухот од нив. Фокусирајте се на тоа како воздухот излегува од балонот. Потоа детето нека замисли дека тоа е балон и нека вдише длабоко, а потоа полека и постепено нека испушта воздух од устата.
Смирено, замолете го детето да ви раскаже за ситуациите во кои се чувствувало како балон. Кога чувствува дека емоциите го оптоваруваат, кога не може да се воздржи и да се ослободи од стресот, лутината и омразата. Замолете го во вакви ситуации да ја користи оваа вежба. Повторете ја вежбата со дишењето во секој практичен случај.
Смири го глувчето
Дајте му на детето некоја кадифена играчка – глувче, зајаче или што и да имате, и уште една помала кадифена играчка. Потоа речете му да си замисли дека животното е мало, кревко и исплашено. Детето нека го држи во рацете, нека разговара со него и нека се обиде да го смири. Тоа ќе му помогне и самото да се смири.
Лежење на под
Пуштете релаксирачка музика и легнете со детето на подот. Сместете се удобно. Во оваа вежба условот е сите да размислуваат за нешто убаво. Не мора да го споделат со другите, а може ако сакаат.
Како расте дрвото
Пуштете релаксирачка музика, придушете го светлото и детето нека ги повторува потезите што ќе му ги покажете. Детето нека замисли дека сте мало растение, па растете и станувате дрво. За да го направите тоа, свиткајте се и тркалајте се како топка на подот, а потоа застанете на колена со главата свиткана кон градите. Постепено почнете да ги ширите рацете и да ја подигнувате главата. Потезите треба да бидат бавни и опуштени. Конечно, истегнете го целото тело и застанете на прсти.
Вежбањето треба да се прави пред легнување.
Млад археолог
Наполнете голема кутија или сад со кинетички или обичен песок, а во него скријте ја едната рака. Замолете го детето да ја најде со копање како археолог. Важно е детето да „копа“, но да не ја допира раката. Ако ја допре, играта продолжува со менување на местото, вие сте археолог, а детето ја крие раката во песокот. Со оваа игра се тренира трпеливоста, концентрацијата и контролата на движењето.
Овие игри се корисни и за децата и за возрасните. Кому не му е потребна вежба за самоконтрола во денешно време?
Автор: А.Цвјетиќ