Детето, ако не го научиш, не ги вреднува ниту случувањата ниту подароците според тоа колку чинат, а гостите се канат за заедно да се радуваме

Покана за прв детски роденден на која родителите нагласиле подарокот да биде во плик направи бура по групите на социјалните мрежи. Додека едни ги оправдуваат родителите дека сакаат да бидат практични, други жестоко ги осудуваат дека се бесчувствителни во услови кога многумина едвај крпат крај со крај во месецот, трети коментираат дека по свадбите со вакви покани сега на ред се родендените…


Премногу врева околу детски роденден не е ништо ново кај нас. Се закупуваат скапи простори, децата се преслекуваат и по неколку пати, се носат на фризер… Со организирање мегаломански родендени, со организација и на подароците, родители како да забораваат дека најважна е радоста на детето, а за неа и не треба многу да се плати. Детето, објаснуваат психолозите, ако не го научиш, нема да ги вреднува ниту случувањата ниту подароците според тоа колку чинат. Гостите, пак, се канат за заедно да се радуваме.

Психолози укажуваат и на нашите лоши навики на однесување, без разлика на тоа дали е во живо или во коментари по групи на интернет. Колку и да е непријатна за некого постапката на родителите, не заслужува „растргнување“, велат тие.

Да ја промениме традицијата

Психологот Мирјана Стојановска-Јовановска вели дека сѐ зависи од тоа од која точка се гледаат работите.
– Од една страна, родителите можеби сакале да бидат практични и да соберат пари за нешто поголемо што вистински му треба на детето. Од друга страна, не можеш да ги ограничуваш луѓето кога веќе правиш роденден. Кај нас има традиција да се носат големи подароци. Кога би изградиле традиција во која е нормално да се носат и ситници, би било многу поедноставно. Секој човек различно гледа на нештата. Според моето гледиште, колку и да си практичен, не е пријатно да ги ограничуваш луѓето – вели Стојановска-Јовановска.
Гостите се канат за да се радуваме заедно.

Радоста не зависи од цената

Да не заборавиме, вели психологот, на што се радуваат децата.
– Торта, другарчиња, пеење, детски џагор, играње е тоа што го радува детето. И едногодишно дете се радува на сето ова. Потребно му е да биде сакано, гушкано од родителите и од пријателите – вели таа.
Кога, пак, станува збор за подароци, децата не ги вреднуваат работите според тоа колку чинат.
– Ние ги учиме да вреднуваат скапи работи. Детето се радува и на шарен молив, на пример – потенцира таа.



912

X