Заврши учебната година и почна долгоочекуваниот летен распуст, кој на децата им е омилен дел од годината. Признаваме дека можеме да ги разбереме бидејќи за нас, возрасните, што работиме со деца летото е еден вид крај на „работната“ година. Се трудиме да ги завршиме сите започнати активности и да ги доведеме докрај на обострано задоволство, а потоа да направиме мала пауза. Бидејќи малите мудри глави едвај чекаат одмор и забава, ќе споменеме неколку идеи кои можат да ги надополнат и скратат долгите, летни денови. А и ние, возрасните, можеме да им се придружиме бидејќи малку забава и уживање сигурно никому нема да му наштети. И сите знаеме дека е многу убаво понекогаш да се биде повторно дете. Па да почнеме:

Ново руво за старите играчки

Понекогаш еднозначно гледаме на предметите и играчките и немаме поим дека со малку имагинација и доработка може да направиме сосема „нови“ играчки. На пример, со малку боја старите дрвени шини можат да станат штици за сурфање, картоните и старите колички може да се претворат во продавница за поправка на автомобили, со дотраени боички кои веќе не се употребливи можеме да ги украсиме рамките за слики…

Лов на богатство

Повеќето ученици тешко се мотивираат да читаат и да пишуваат по завршувањето на учебната година. Во забавната игра со лов на богатство децата ќе читаат и пишуваат, но ќе бидат целосно преокупирани со крајната цел на играта, па тоа ќе го прават несвесно и лесно. Ловот на богатство започнува со тоа што децата се поделени во две групи и кријат слатки на различни места во паркот или дворот. Потоа задачата е на друга група да напишат упатства на хартиите, односно индиции кои ќе ги доведат до „закопаното богатство“. Читањето и пишувањето ќе бидат составен дел од играта, а децата нема ни да забележат дека вежбаат и повторуваат додека играат.

Игри со песок

Песокот е вечна инспирација. Децата градат кули и замоци од песок, префрлаат и ставаат песок во кофа, го копаат со гребло… Играњето во песок позитивно влијае врз развојот на грубата и фината моторика, смирува и помага во одржувањето на вниманието и концентрацијата. Со обичен дрвен стап во песокот можеме да цртаме разни форми, да пишуваме букви, бројки и имиња и на тој начин да им додадеме нова димензија на игрите со песок.

Правење ладни десерти

Во летните месеци сладоледот и смрзнатите слатки се најдобро решение за брзо освежување. Освен што купуваме калапи за сладолед, можеме да користиме и празни чаши од јогурт и пудинг. Со помош на родителите, децата можат да мешаат сезонско овошје, да наполнат чаши со него, да стават стапчиња и да ги замрзнат. Откако сами ќе подготват сладолед, децата едвај ќе чекаат да ја излижат својата здрава и вкусна закуска.

Фестивал на песни и танци

Децата сакаат да пеат песни и да ги имитираат своите омилени пејачи. Честопати стиховите се придружени со танцови чекори. Топлите летни вечери се одлична можност да се организира фестивал на детски песни и игри каде што секое дете ќе може да се претстави со свој настап. Со малку волја и импровизација, фестивалот ќе биде хит. Некој ќе биде водител, некој фотограф, некој дел од публиката, некој ќе настапи и дефинитивно сите ќе се забавуваат. И запомнете, само небото е граница на имагинацијата, а животот е премногу краток за да ни биде досадно.

Автор: Јосипа Јуревиќ, логопед

Извор



912

X