Бројот на новороденчиња во САД е во опаѓање речиси една деценија, а во 2019 година беа регистрирани најмалку раѓања во последните 35 години. Сепак, финалните бројки од 2020 г. може да бидат уште пониски. Во 2021 година се очекуваат 300 илјади новороденчиња помалку, според студија на институтот „Брукингс“. Изгледа дека пандемијата креирала турбулентен период кој особено и диспропорционално ги повредува вработените жени.

Минатата година жените за малку ги надброиле мажите во однос на работната сила, но нивното учество на пазарот на трудот сега е паднато на 57 отсто, најниско ниво уште од 1988 година, според Националниот женски правен центар. Согласно затворањето на училиштата, како и ограничувањата на јавните собири, милиони жени биле присилени да го балансираат надгледувањето и учењето на нивните деца со работата и другите одговорности.

Анкетите откриле дека многу двојки го одложувале зачнувањето, поретко имале сексуални односи и посакувале помалку деца поради економската криза предизвикана од пандемијата, според Институтот „Гутмахер“. „Кога пазарот на труд е слаб, опаѓа и наталитетот, кога пазарот на труд се подобрува, наталитетот расте“, напишале авторите на студијата од Институтот „Брукингс“, Мелиса Карни и Филип Левин. А онлајн-пребарувањата за термини кои се поврзани со бременост, исто така, во 2020 година биле со намален интензитет, според податоците од „Гугл трендс“. Официјалните податоци за наталитетот за целата територија на САД ќе бидат објавени за неколку месеци, но збирот на информации од „Си-би-ес њуз“ на годишно ниво од 32 држави покажал бројка на новородени деца пониска за 95 илјади, за разлика од претходната година.

Податоци од 32 (од 50 вкупно) држави во САД откриваат дека стапката на наталитет во 2020 година опаднала за повеќе од 4 проценти. Само во декември 2020 г. во Калифорнија имало за 10 отсто помалку раѓања, а на Хаваи за 30 отсто помалку од минатиот декември. Во САД се размислува за придобивки и помош за граѓаните за поттикнување на наталитетот, како и опции за олеснување на условите при плаќање даноци.

Извор



912

X