Дремките неколку пати неделно носат придобивки и за физичкиот и за училишниот успех на децата

Дека попладневните дремки не се корисни само за бебињата и децата што одат во градинка, туку и за децата на училишна возраст, потврди најновото истражување од Универзитетот во Пенсилванија и калифорнискиот универзитет „Ирвин“. Во истражувањето биле опфатени речиси 3.000 ученици од четврто, петто и шесто одделение на возраст од 10 до 12 години.

Врската помеѓу спиењето и однесувањето не е ништо ново за родителите: истражувањето вклучува и ангедотски докази што покажуваат како дремките влијаат врз расположението, нивото на енергија и училишните перформанси. Но, повеќе изненадува тоа што и децата на 10 до 12-годишна возраст имаат придобивки од дремките.

– Колку повеќе учениците спиеја во текот на денот, толку поголема корист имаа од дремката – изјави Сара Медник, вонредна професорка на Школата за општествени науки при Универзитетот во Калифорнија, која работела на истражувањето со колегите од Универзитетот во Пенсилванија.

– Многу лабораториски студии од сите возрасти докажаа дека дремките може да покажат иста големина на подобрување како и ноќниот сон. Тука имавме шанси реалистично да ги прашаме учениците – додава таа.

Втемелувањето добри навики за спиењето на рана возраст може да биде важно за долгорочното здравје. Лишувањето од сон може да предизвика несмасност и несреќи, на пример, заспивање при возење. Недостигот на сонот е поврзан и со хронични здравствени проблеми, вклучувајќи срцеви заболувања, бубрежни заболувања, висок крвен притисок, дијабетес, мозочен удар, дебелина и депресија.

Истражувачите собрале податоци за фреквенцијата на дремките и времетраењето од 3.000 ученици од четврто, петто и шесто одделение во Кина и ги оценувале информациите за психолошките мерки, како што се храброста и среќата, како и физичките мерки, на пр. индексот на телесна маса. Исто така, тие собрале информации за однесувањето и перформансите на училиште за секој ученик.

Откако ги приспособиле полот, одделението, училишната локација, образованието на родителите и спиењето навечер, тие покажале силни врски помеѓу 30 до 60 минути дневни дремки најмалку три дена во неделата и позитивни исходи.

Дремките се поврзуваат со повисоки нивоа на среќа, храброст и самоконтрола и подобра вербална интелигенција. Потребни се повеќе истражувања за да се открие зошто децата на подобро образованите родители дремнуваат повеќе од децата на помалку образованите родители.

Истражувачите фрлаат светло на тоа како се разликува културата за спиење низ светот, со оглед на тоа што во Кина дремките продолжуваат и по раното детство. Спротивно на тоа, младите во САД и во Велика Британија обично престануваат да имаат попладневни дремки пред да наполнат 5 години.

Другиот академски труд ги потенцира придобивките од одмор за децата. Истражувачите за сон на Универзитетот „Амхерст“ од Масачусетс ги поврзале дремките и ноќното спиење со подобра меморија во раното детство и обработувањето на емоциите.

– Вообичаено е родителите и учителите во градинките да сметаат дека децата се нерасположени и раздразливи ако не преспијат. Нашите резултати се во согласност со овие забелешки. Дремките придонесуваат за обработка на емоциите во оваа млада возраст.

Во друго истражување, истражувачите откриле дека оние деца на предучилишна возраст што гледаат телевизија спијат значително помалку од оние што не гледаат.

Додека здравствените и животните придобивки од сонот се добро документирани, недостигот на сон останува чест проблем за јавното здравје во целиот свет.



912

X