Воспитување

И тие имаат тешки моменти: Како да му помогнете на детето кога се чувствува лошо?

Иако се вели дека најубав период во животот е детството, сепак, детството има свои предизвици, подеми и падови, свои добри и лоши денови. За среќа, со поддршка од родителите или други блиски возрасни лица, и тоа може значително да се ублажи, па и целосно да се реши. Без разлика дали се работи за нервирање поради онлајн-наставата или можеби неразбирање на одреден материјал, неможност за гледање со пријателите, фактот што како осмоодделенец се разделува од соучениците или некој друг стрес, родителот во неколку чекори може да му помогне на детето да се чувствува значително подобро.

Поставете му прашања од отворен тип

За навистина да можете да му помогнете на детето и воопшто да дознаете што го мачи, не е доволно само да видите на неговото лице што не е во ред. Мора да му поставувате прашања и тоа од отворен тип. Тоа се прашања кои бараат појаснување и поопширни одговори, па се во спротивност со прашањата на кои може да се даде само краток позитивен или негативен одговор. Таквите прашања ќе го поттикнат детето полека да се отвора и да ви каже што го мачи. Притоа може да користите таканаречени јас-пораки, со кои ќе изразите како се чувствувате поради тоа што го гледате. Тоа е дел од таканареченото позитивно родителство, чија цел е да се насочите само на одредената ситуација, а не на детето како личност. На пример, можете да кажете: „Забележувам дека нешто не е во ред и тоа ме растажува. Што се случи?“

Прегрнете го

Кога некој ќе нè прегрне, веднаш се чувствуваме подобро, посигурно и повеќе сакани. Меѓутоа, прегратките не би смееле да бидат дел од секојдневието само тогаш кога на детето му е тешко. Прегратките би требало да станат наша рутина. Истражувањето кое со соработниците го спровела Соња Лубомирски од САД на своите студенти покажало дека оние што примаат до 5 прегратки дневно се неспоредливо посреќни од оние што не добиваат прегратки. Имено, во текот на прегратката во нашето тело се ослободува хормонот на среќа, а тоа ќе влијае и врз расположението на детето.

Помогнете му

Кога веќе сте дознале зошто детето има лош ден, без разлика дали се тешкотии со решавање задачи, тешко справување со пандемијата заради која не може да ги гледа пријателите како порано, или едноставно му недостига неговото секојдневие на кое е навикнато, време е да му помогнете. Меѓутоа, немојте во свои раце да го преземете решавањето на сите негови проблеми бидејќи тоа долгорочно гледано може да има лоши последици и да направи во возрасно доба да биде многу несигурна и несамостојна личност. Бидете тука како оној што насочува. Предложете му решенија, но немојте да влијаете врз него дека навистина мора да ги примени, особено ако станува збор за постаро дете или адолесцент.

Дајте му до знаење дека и најтешките денови ќе поминат

Иако ние, возрасните, често забораваме дека и детството има свои предизвици, па се сеќаваме на него како на најбезбедниот период во животот, тоа и тоа како има свои подеми и падови. Децата, иако сè уште во развојна фаза, мора да се справат со осаменоста, барањето на своето место под сонцето, напорните училишни обврски, предизвиците што ги носат социјалните мрежи и воопшто дигитализацијата на животот. Меѓутоа, најважно е на детето да му ставите до знаење дека сето тоа ќе помине. Без разлика дали се работи за тежок материјал, несреќни први љубови или чувство на изолираност од пријателите, бидете му поддршка на детето и кажете му дека сето тоа ќе помине. За приказната да биде поуверлива, послужете се со некој пример од своите денови во младоста.

Заедно пробајте нешто ново


За да ги тргне мислите од проблемот и на некој начин да „преспие“, па да се посвети на негово решавање, пробајте со детето нешто ново, нешто поради кое ќе се чувствува добро. Како родител, би требало да ги познавате помалку силните страни на вашето дете, па во согласност со тоа да одредите и нови активности. На пример, ако знаете дека детето има страв од час по физичко бидејќи не се чувствува доволно компетентно за спорт, немојте во таа нова активност да вклучувате нешто што би го потсетувало на тоа.

Запомнете, целта е со таа нова активност малку да ги опушти мислите, да се почувствува силно и самоуверено за подоцна да може да ги реши проблемите.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top