Мајките не се единствените што се критикувани за начинот на кој ги воспитуваат и одгледуваат децата. Нова анкета открива дека и мнозинството татковци се критикувани, а често овие критики доаѓаат од нивните сопруги.

Отсекогаш мајките биле подложни на критики. Од мајките кои се критикувани затоа што не ги дојат своите деца, туку им даваат вештачко млеко, до оние што се прекорувани од непознати луѓе за однесувањето на нивното дете во јавност, засрамувањето е суровата реалност што се случува често. Но, една нова анкета открива дека мајките не се единствените што се справуваат со срам кога станува збор за нивното родителство.

Во истражувањето, 52 отсто од татковците рекоа дека се критикувани за начинот на кој ги воспитуваат и одгледуваат своите деца. Мнозинството критики не доаѓаат само од надворешни извори: 44 отсто доаѓаат од нивните партнерки. Има смисла, вели авторката на истражувањето, Сара Кларк, бидејќи можноста за критики се зголемува кога сте често со личноста. Ова може да влијае врз татковците на поголемо ниво бидејќи го поткопува концептот на родителите како тим што работи заедно.

И податоците го покажуваат истото: повеќе од една четвртина од татковците во анкетата рекоа дека критиките ги натерале да чувствуваат пониска самодоверба, додека секој петти рекол дека тоа го натерало да сака да биде помалку вклучен како родител.

Другите критики доаѓаат од бабите и дедовците на децата, пријателите на таткото, непознатите луѓе и професионалците што комуницираат со децата, како наставниците и докторите. Последното може да е поврзано со историските родови улоги, каде што мајките се претпоставува дека се оние што се грижат, додека татковците се оние што заработуваат. Првите две области на критики беа за начинот на кој татковците ги дисциплинираат нивните деца проследено со она што им даваат да јадат.

Исто така, татковците се критикувани затоа што се премногу груби со децата и не им посветуваат доволно внимание. Тоа е големата разлика меѓу татковците и мајките.

– Овие области ги рефлектираат стилските разлики меѓу мајките и татковците, што е прикажано во други истражувања. Но, различно не значи лошо или погрешно. Наместо тоа, децата имаат корист од нивното искуство со различни стилови на родителство и интеракции – вели Кларк.

Сепак, двете истражувања имале сличности. Мнозинството мајки биле критикувани за нивниот стил на родителство (61 отсто). Овие критики во прилично голем процент доаѓале од другиот родител на детето (36 отсто). Дисциплината и исхраната исто така биле главните причини за критикување на мајките.

Добрата вест е што многу татковци позитивно одговориле на критиките, нешто што Кларк смета дека е пријатно изненадувачки.

– Голем дел од татковците побарале информации или го промениле однесувањето како одговор на критиките. Тоа е позитивно. Јасно е дека постојат начини за критикување на татковците што им овозможуваат да го разберат влијанието врз здравјето и благосостојбата на нивното дете – вели Кларк.

Исто така, 90 отсто од татковците веруваат дека повеќето татковци добро се грижат за нивните деца.



912

X